Продолжуваат протестите во Иран и покрај обидите за нивно загушување

Пораки и информации за протестите во Иран се фрлаат пред домовите во иранските градови со цел да се заобиколи интернет цензурата воведена од властите, пренесува „Гардијан“.

„Паѓа Исламската држава. Приклучи се“, вели една од пораките која се споделува во северниот град Рашт. Во јужниот град Авас, организаторите преку пораки споделуваат информации за локацијата и времето на протестите, апелирајќи пораката да се споделува понатаму.

Протестите кои повеќе од две недели се одржуваат на територијата на Иран, сè повеќе ги заплашуваат властите кои целат да ги пригушат протестите со прекин на интернет врската во земјата.

Во текот на вчерашниот ден, студентки и студенти не ја послушале наредбата да се вратат на предавањата, а на Универзитетот во Техеран се скандирало „Правда, слобода, хиџаб по избор“, додека безбедносните сили не ја растуриле толпата демонстранти.

На иранските социјални мрежи популарно станало видео од Универзитетот Исфахан, на кое се гледа како жена ја пали својата марама, додека толпата скандирала „Студентите попрво ќе умрат отколку да се понижени“.

Во центарот на Техеран вчера било тивко поради зголеменото полициско присуство, но протестите продолжиле низ другите делови од градот, а еден од вчерашните протести се одржал во близина на домот на лидерот Сејед Али Хосеини Хаменеи.

Според иранските медуми бројот на жртви на протестите се движи од 40 до 80 лица, додека пак најмалку 1.500 лица се уапсени. Со цел загушување на протестите, иранските власти користеле муниција, полициска бруталност врз демонстрантите, но и онлајн цензура преку забранување на социјалните апликации, запирање на пристапот до интернет и апсење на јавните лица кои ги поддржуваат протестите

Но, демонстрантите сè уште излегуваат на улиците.

„Гледаш онлајн известување за протестен собир и потоа одиш таму, без да си сигурен дали ќе се вратиш жива. Некои скандираат од покривите на зградите, бидејќи сметаат дека улиците се преопасни. Други пак користат различен VPN за да ги избегнат онлајн рестрикциите од власта“, изјавила една од демонстрантките во телефонски разговор.

Таа додала дека овие протести се поразлични од претходните – овојпат жените го предводат органиирањето, а мажите само гледаат.

„Сега жените ја имаат контролата, тие предводат“, додала таа.

Протестите кои започнаа поради смртта на Аншха Амини, која почина во притвор откако беше уапсена од полицијата за морал поради несоодветно носење на хиџабот, сега пораснаа во генерални антивладини протести предводени од жени за нивната состојба во државата.