Привлечноста на добриот говор(ник)

Скрати го текстот, исчисти го од јазични грешки и не повторувај зборови. Малку похрабро. Вежбај ја интонацијата, не биди монотон. Контролирај го движењето на рацете… Ова се забелешки и совети од менторите до пријавените за учество на студентскиот натпревар по говорништво: 21. Ораторска вечер „Иво Пухан“, која ќе се одржи на 12 декември на Правниот факултет „Јустинијан Први“. На генералната проба менторите го мерат и времето. Препораката е три минути. Дозволуваат пречекорување, но не повеќе од пет.

Од пријавените 21 годинава, на полуфиналето беа избрани 12 студенти кои ќе бидат финалисти на Ораторската вечер. Не се само од Правниот, туку и од други факултети на Скопскиот универзитет. Речиси половина се дебитанти и првпат зад говорницата. Другите учествувале и на минатите натпревари, има и поранешни финалисти и членови Клубот на оратори кој постои од 2001 година.

Темите се по сопствен избор. На пробата слушнавме говори за општествена одговорност на компаниите, правото на пресумпција на невиност, за работењето на студентите во странство, говор што почна со прашање: Го помните ли Скопје зелено и чисто?…

Пријавените оратори минатиот месец вежбаа во мали групи со ментори, меѓу кои се професорите од Правниот факултет: Владо Бучковски, Татјана Петрушевска, Есин Кранли Бајрам, Гоце Наумовски. Тие ги даваа своите оценки и судови на пробата во амфитеатарот на Правен, кој идниот вторник ќе биде полн со слушатели. Како да се освои нивното внимание и да се придобие одобрување? Тоа е намерата на секој учесник и суштината на ораторството.

Најважни се добрата подготовка и првите 30 секунди

„Поет се раѓа, оратор се станува“ е мото на Клубот на оратори кој има околу 450 членови. Мотото е мотивирачко за оние кои се несигурни и се сомневаат во своите говорнички вештини. Три студентки од Клубот на оратори со кои разговаравме се согласни дека ораторството се учи, дури и на поголема возраст. Подготовката и добро научен говор се клучни. Тоа значи и вежба пред огледало, снимање на говорот и негово преслушување за да се откријат слабостите… Еден процент талент, а 99 проценти работа, велат тие.

– Првите 30-40 секунди од говорот се најважни. Публиката ќе те слуша што зборуваш, потоа веќе не. Добриот говорник не чита и не користи потсетници и умее да импровизира. Многу внимаваме на дикцијата, на правоговорот – акцентски целости, замена на странски со македонски зборови. Важен е правилниот изговор на самогласките, има вежби со молив во уста за да се раздвижи мрзеливата уста. Паузи во говорот се прават, но не предлоги за публиката да не стекне впечаток дека говорникот го заборавил говорот, вели Валерија Крстева, претседател на Клубот на оратори и ментор на дел од кандидатите за натпреварот.

Понатаму таа кажува дека големо значење во настапот има невербалната комуникација – ставот на телото и движењата со главата и рацете:

– Првиот впечаток се добива уште пред да почне да зборува говорникот и најмногу поени се даваат тогаш: ако гледа во под е знак на несигурност, треба да ја отстрани и здрвеноста. На говорница не се стои налактен, туку исправено, може со едната нога понапред од другата. Забрането е подигнување тупаница или кренат показалец, додава Крстева, која е студентка во четврта година мастер правни студии.

Нејзината колешка од втора година Марија Даниловска смета дека говорот треба да има одлична структура: добар вовед, умешно преминување од еден во друг негов дел и без премногу дигресии, за да биде добро пренесена и разбрана идејата.

– Тоа треба да биде говор за кој самиот ти веруваш дека е навистина така. Поткрепен со факти заради убедливост. Не само колку да се напише. Не да биде говор со сувопарност и набројување. Да има две-три поенти и да се почне со заклучокот. Тој е ударен и нè наметнува како добар и компетентен говорник кого публиката ќе сака да го слуша понатаму. Крајоткоја е на втора година правни студии. е, исто така, важен зашто поентира, кажува Даниловска.

Како да се совлада тремата?

Одговорот е: со самодоверба. Таа е многу важна за јавен настап и се стекнува, повторно, само со добра подготовка на говорот.

– Секој има трема. За да ја надмине треба да го запознае и просторот каде што ќе говори, да ја почувствува средината, да знае каде ќе го насочи погледот, вели Билјана Јанева, која е на мастер политички студии, четврта година. На обуките се препорачува погледот да се насочува во три точки – лево, десно и во средина. Наместо директен очен контакт со луѓето во публиката, што би можело да го збуни говорникот, препорачливо е да гледа во нивните чела.

Подготовките на ораторите опфаќаат и вежби за концентрација и дишење. Прават игри и брзи движења за да ја контролираат задишаноста. Пред самиот јавен настап важно правило е да не се консумира ништо, дури ни вода, за да не дојде, велат, до незгодни ситуации во текот на говорењето. Пред настапот се забранува кафе, а не треба да се јаде ни благо.

Избирање тема – актуелна, нова, необична, смела…

Емоцијата и аргументите се патеката што води од добар текст до моќен говор, смета новинарот Никола Здравковиќ, кој двапати победи на Ораторската вечер „Иво Пухан“ за време на студиите, во 2010-та и во 2011 година. Првиот пат беше и негово прво учество на натпреварот. Во тој говор, насловен „Грешките од минатото – мудрост на иднината“, зборуваше за вредностите што се научени дома, а изумираат штом од домот ќе се излезе на улица. Втората победа му ја донесе говорот за студентската разединетост која, вели, се заканувала на студентите да им ја поништи титулата: авангарда. Сметал дека на таа тема и недостига обработка и пробив до тие што треба да ја слушнат и дека немало подобра пригода за тоа од оваа манифестација каде на едно место биле собрани студенти, професори, политичари.

Дали пресудно за добар говор е актуелна и/или провокативна тема? Тоа, според Здравковиќ, е препорачливо, но токму актуелноста и провокативноста ја зголемуваат веројатноста неа претходно веќе да ја обработил друг говорник. Советува говорникот да се издвои по начинот на изразување, со употреба на несекојдневни примери и поинакви и дотогаш неслушнати аргументи, за да не се претопи меѓу сите претходници кои говореле на таа тема.

– Без разлика дали се провокативни или не, актуелни или не, важат само две правила: тоа навистина да ве засега за да може да се внесете во говорот, и да располагате со аргументи. Во спротивно, нека е темата најпровокативна и најнеобична, ќе остане само текст на хартија, истакнува Здравковиќ.

Дури и онаа што се чини банална, вели тој, ако е пренесена со емоции, поткрепена со аргументи и проткаена со говорнички набој, ќе стигне до публиката на вистинскиот начин.

– Од друга страна, може да изберете тема која е неисцрпна и за која може да се говори со денови, притоа да и додадете еден куп мудри мисли, но ако биде пренесена без емоција, тоа на аудиториумот ќе делува како да им читате телефонски именик. За да ви верува публиката, прво мора да си верувате самите, нагласува двојниот победник на Ораторската вечер.

До кога, Катилина, ќе го злоупотребуваш нашето трпение?

Нашите соговорнички од Клубот на оратори го оценија и јавното говорништво во Македонија. Со исклучок на неколкумина, тие не гледаат добри примери на ораторство кај домашните политичари. Велат има пратеници кои постојано зборуваат со непотребно повишен тон и гестикулација на рацете, но не значи дека ако викаш, кажуваш нешто важно.

Затоа, пак, во историјата наоѓаат ненадминати оратори. За волјата и желбата да се стане вешт говорник таков пример е античкиот Демостен.

– Тој бил исмејуван од општеството. Имал проблем со изговорот на Р и ставал камче под јазикот со кое сам се предизвикувал. Тоа му правело рани, потешкотии, но тоа било чекор кон она што станал подоцна, раскажува Валерија.

За неа Обама е пример на одличен современ говорник, и појаснува зошто: Затоа што додека беше претседател никогаш не дозволи да го надвладеат емоциите и знаеше како да се однесува во секоја ситуација.

Марија, пак, го посочува Черчил, но и Хитлер кој, вели, е лош пример во историјата но бил добар говорник: Почнувал тивко и завршувал со висок тон со кој ја кревал и заведувал масата.

Првиот говор на римскиот конзул и славен говорник Цицерон против Катилина е меѓу вонвременските историски говори, сметаат ораторите. Се користел и на вежбите кај професорот Иво Пухан, втемелувач на катедрата за правно-историски науки во Скопје, во чија чест се организира овој студентски натпревар. Во 63 година п.н.е. Катилина се обидувал насилно да ја урне Римската Република, а Цицерон во своите говори ги опишал неговите заговори.

Говорот почнува со реченицата: „До кога, Катилина, ќе го злоупотребуваш нашето трпение?“, а од тој говор е и често цитираната латинска изрека: O tempora, о mores!

Добар оратор е гаранција плус за успешен правник, политичар, новинар

Од година во година интересот за натпреварот е сè поголем. Оваа година има многу дебитанти, а квалитетот варира, оценува професорот по римско право д-р Владо Бучковски, претседател на Организацискиот одбор на Ораторската вечер „Иво Пухан“. Рече се обидуваат да ги насочат кандидатите да не ги избираат темите само од дневната политика, туку и од нивната идна професија – да говорат за сериозни правни или политички теми или за проблемите кои ги имаат медиумите и новинарството.

– Генерално, ние повеќе водиме сметка за изразот, за начинот на кој настапуваат студентите. Оваа година сум пријатно изненаден од соджрината на текстовите кои се понудени како говори, но и од начинот на кој на почетокот настапуваат нашите оратори, вели Бучковски, кој предава стилистика и реторика на политичките и на студиите по новинарство.

Нагласи дека посебно кај овие три професии (правни, политички и студии по новинарство) се обидуваат да го подигнат нивото на ораторството.

– Затоа што добар оратор ќе биде гаранција плус за успехот на студентот потоа да биде и добар правник или, пак, добар новинар кој повеќе ќе го привлече вниманието на просечниот гледач односно заинтересираните во јавноста, смета Бучковски.

За подготовка на ораторите соработуваат со нивните колеги професори од Факултетот за драмски уметности. Долгогодишен тренер беше покојниот Бранко Ѓорчев и во негова чест се доделува една од наградите. Во последните седум години активно со нив работи актерот Дејан Лилиќ кој, вели Бучковски, е омилен меѓу ораторите.

Клубот на оратори е единствена сертифицирана организација за јавно говорење и реторички вештини. Еднаш годишно организира обуки во две средни училишта во Скопје, а двапати во годината и на Правниот факултет каде што му е и седиштето. Обуките се наменети за сите што сакаат да научат јавно говорење и реторички вештини, а на крајот добиваат и сертификати.

Најголем интерес за обуките има од средношколци, но им се обраќаат и возрасни луѓе кои имаат проблеми со јавно говорење. Следната обука ќе биде во февруари-март. Од Клубот ги покануваат сите заинтересирани да се пријават, охрабрувајќи ги со нивното мото: поетот се раѓа, оратор се станува.

МИА