Приватните специјализанти продолжуваат со штрајк, откако Владата одлучи нивниот статус да се решава по изборите

На вчерашната седница Владата донесе одлука статусот на приватните специјализанти да се решава по изборите, со предлог-законски решенија кои ќе ги предвидат нивните севкупни права и одговорности. За специјализантите одлуката е неприфатлива, поради што штрајкот продолжува и денес. 

Околу 400 приватни специјализанти два дена се во генерален штрајк. Тие бараат нивниот месечен надоместок да биде поголем од 26.000 денари, здравствено осигурување и да се реши статусот на невработени лица.

Во понеделникот тие беа повикани на средба со министерот за здравство Илир Демири на која побараа писмена гаранција за исполнување на барањата по изборите, доколку тоа не е можно сега.

„Од наша страна предложивме дека доколку проблемот е во пред-изборниот период и тоа што функционира техничка влада, Министерството за здравство да побара мислење од Анти-корупциска комисија и Државна-изборна комисија“, кажаа по средбата приватните специјализанти.

Демири откако изјави дека ги поддржува во нивните барања, за медиумите рече дека штрајкот има политичка позадина, поради тоа што, како што рече моментот кога ги поставуваат барањата, пред избори.

Специјализантите го демантираа овој став и соопштија дека барањата ги проследиле пред неколку месеци, и штрајкуваат бидејќи никој од претходните министри не сакал да го реши нивниот проблем.

„Дополнително придонес кон зголемување на нашето незадоволство придонесе и фактот дека бевме заборавени од сите покачувања кои ги опфатија вработените во јавните здравствени установи“, велат тие.

Специјализантите кои сами плаќаат за сопствена специјализација штрајкот го продолжуваат и денес, со став дека одлуката на владата не исполнува ниту едно од барањата.

По објавувањето на одлуката на Владата, тие соопштија дека штрајкот продолжува и денес.

„Ниту едно од нашите барање не е решено и само се употребени истите лажни ветувања кои ги имаме слушнато веќе неколку пати. Ниту Владата ниту Министерството не побараа мислење од ДКСК и ДИК , дали може да се исполни некое од нашите барања, како што и на самата средба беше предложено од наша страна. Што значи дека во моментов нема желба од нивна страна за решавање на нашите проблеми“, децидни се тие.

Приватните специјализанти од денес во генерален штрајк: Ќе трае сè до исполнување на нашите барања

Ангела Бошкоска