Приватните превозници утре на протест пред ЈСП

Приватните автобуски превозници „Мак експрес“ и „Слобода превоз“ најавуваат протест за утре (понеделник) пред седиштето на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) во Автокоманда, пишува Вечер.

Причина за утрешниот протест според Милорад Димитријевски, еден од сопствениците на „Мак екпрес“ е сумата што ЈСП им ја должи на приватните превозници.

Како што изјавил Димитријевски, контролата на Управата за јавни приходи утврдила дека ЈСП се работи за долг од 29.590.000 денари.

Протестот е закажан за во 9 часот.

Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници тие го блокираа главниот град. Во меѓувреме градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари. По девет дена блокада, превозниците ги тргнаa паркираните автобуси откако добија ветување од премиерот Димитар Ковачевски дека ќе оствари средба со нив по услов да престанат со блокадите. По ова, јавниот градски превоз продолжи да сообраќа само со автобусите на ЈСП, а Град Скопје објави два огласи за приватни превозници на кои не се пријави ниту една компанија.