Приватните превозници утре со 30 автобуси ќе ја блокираат крстосницата кај „Мавровка“

Приватните превозници вклучени во Јавниот линиски превоз во Скопје утре ќе протестираат со целосно блокирање во сите правци на крстосницата кај Мавровка, односно булеварот „Гоце Делчев“ и булеварот „Крсте Петков Мисирков“, пренесе МИА.

Како што најави приватниот градски автобуски превозник „Слобода превоз“, блокирањето ќе биде со повеќе од 30 автобуси и повеќе од 300 лица.

„Не е исклучена можноста и не е потврдена информацијата дека на тој ден во утринските часови според можеби поедини превозници да ги блокираат излезите односно влезовите на ЈСП-Скопје. Исто така времетраењето на протестот не е утврдено и се планира да трае до исполнување на барањата кои ако брзо не се решат во наредните денови ќе се прошири и на други делови од сообраќајниците во Скопје“, посочуваат од „Слобода превоз“.

Во рамките на своите активности за решавање на актуелниот проблем утре „Слобода превоз“ треба да оствари средба со Управниот одбор на ЈСП. Исто така претставници на „Слобода Превоз“ ќе присуствуваат на седницата на Советот на Град Скопје.

Приватните превозници веќе една недела не се дел од јавниот автобуски превоз во Скопје бидејќи бараат Град Скопје да им ги исплати заостанатите долгови. Тие и во петокот протестираа пред седиштето на ЈСП-Скопје.

Оваа ситуација го отежнува или целосно блокира јавниот превоз во главниот град, бидејќи поради помалиот број автобуси во сообраќајот се прават големи гужви, а дел од линиите ретко или воопшто не сообраќаат.