#Поларис: Прва сезона „Primal“

Првенствено сакав запознавањето на пошироката публика со аниматорот и режисер Генди Тартаковски да ми биде со Samurai Jack, но оваа година е посебна за овој фамозен аниматор поради еден негов друг проект. Во моментот на публикувањето на овој текст во ек е втората сезона на анимираната серија Primal на Adult Swim, едно несекојдневно остварување во областа на западната анимација, познато по немање дијалог и голема количина на брутално насилство несвојствено за американски анимациски студија, но можеби и по малку очекувано, со оглед на постепеното ослободување и воспоставување на креативна слобода во последниве неколку години.

Кој е Генди Тартаковски? Американски аниматор. Во ред, тоа не е нешто невообичаено, има огромен број на аниматори кои направиле свои богати кариери во Disney, Cartoon Network итн, но Генди не е вообичаен аниматор, туку напротив, има оставено значителен белег во поновата ера на цртани серии на Cartoon Network. Генди Тартаковски бил фасциниран од цртаната уметност уште од своите детски години, до таа мера што кога го нацртал својот прв цртеж бил разочаран до степен кога си спомнал дека не го бива да нацрта ни еден обичен круг. Тоа не го спречило во неговата намера да црта, па продолжил да се подобрува и усовршува, наоѓајќи споредни работи во анимирани проекти за кои не добивал заслуги во одјавните шпици. Кон крајот на 90-тите години на Cartoon Network дебитира Dexter’s Laboratory, првата цртана серија режирана од Генди Тартаковски, каде DL е приказна за Декстер, дете генијалец кое има своја тајна лабораторија во семејната куќа, место во кое стигнува до неверојатни научни откритија само за на крај тие работи да бидат саботирани на симпатичен начин од Диди, неговата сестра. Ваквото братско-сестринско дуо му донесе голема популарност на Cartoon Network (најголемата американска ТВ мрежа за цртани филмови) за поновиот бран на анимирани остварувања, и тоа беше отскочната даска за повеќе проекти на Тартаковски, од неговото инволвирање во The Powerpuff Girls, до режирањето на акционата авнтуристичка серија Samurai Jack, па се до правењето на Hotel Transilvania трилогијата. Како и да е, Hotel Transilvania филмовите нема да бидат последното нешто од имагинацијата на Тартаковски. Во 2018 година Тартаковски го најави Primal, неговата прва анимирана серија наменета за возрасна публика која во 2019 година почна да се емитува на Adult Swim, ТВ блокот на Cartoon Network повеќе приспособен за тинејџерска и постара публика. Иако стои со 8.7 рејтинг на IMDB со огромни пофалби од критиката, како и неколку освоени EMI награди, Primal нема некоја поголема популарност, но тоа е и до некој степен очекувано, бидејќи ова иако е цртан серијал, сепак драстично се оддалечува од другите анимирани остварувања на Генди поради својата репутација на експлицитно насилни сцени.

Колку насилни? Сметам дека клипов е повеќе од доволен.

Оваа сцена е од епизодата Rage of the Ape-Men, и е само дел од она што не очекува во оваа неверојатно брутална серија.

Приказната го следи Копје, пештерски човек кој лови речни риби за да може да се прехрани себеси и неговото семејство. Оваа навидум обична идила е прекината кога семејството на Копје ќе биде нападнато и изедено од група на диносаури предатори кои личат на мешавина на тираносаурус рекс и алосаурус. Скршен од болка поради оваа страшна загуба, Копје е одлучен да се одмазди за прераната смрт на неговата жена и деца. Наоѓајќи го потенцијалниот убиец, Копје се соочува со женка тираносаурус рекс, за набрзо да открие дека оваа женка не само што не е предаторот, туку и дека има свои младенчиња. Вистинската група на предатори се појавува, по што истите ги јадат младенчињата на женката Т-рекс, во серијата позната по името Очник. Копје и Очник ги здружуваат силите за да ги убијат предаторите, и откако ќе успеат во својата намера, ќе разберат дека ова им е пирова победа. Оставени сами на себе, сфаќаат дека полека се поврзуваат меѓу себе и ја разбираат потребата заедно да се соочат со опасностите во нивниот опасен и суров свет доколку сакаат да преживеат.

Иако има само две сезони (втората не е завршена), ова е серија за која посакувам повеќе епизоди од она што досега е понудено. Нема најави за трета сезона, но верувам дека после завршетокот на втората сезона, Adult Swim и Генди ќе ја најават третата сезона. Primal има силен почеток и воопшто не губи на интензитет. Нема лоша епизода во првата сезона, има само добри и подобри. Работата за создавање на анимацијата и припадна на француското Studio La Cachette кое ги изработи епизодите во духот на она што е препознатливо и традиционално во работата на Генди – доминација на минимализмот во цртежот, нешто на кое сме навикнати уште од Samurai Jack и Dexter’s Lab, иако во Primal анимацијата е попрефинета. А кога сме веќе кај минимализмот, тој е сеопфатен – не само што го има во анимацијата, туку и во кроењето на приказната, градењето на светот и интеракцијата помеѓу Копје и Очник.

Светот на Primal е инспириран од многу работи, но претежно од Conan the Barbarian романите и расказите на Роберт Хауард. Се чувствува влијанието на тексашкиот писател на палп книги за мечеви и магии, каде секоја епизода е исполнета со своја доза на мистерија. Час се среќаваме со диносауруси, час со напредни племиња на мајмуни, час со хуманоиди кои поседуваат волшебни способности. Во ниту една епизода нема вербален дијалог, но дијалог не е потребен бидејќи се се одвива по принципот на раскажување преку дејствување, гестикулирање и говор на телото. И тоа е доволно да ја разбереме приказната за секоја посебна епизода. Во епизодата The Night Feeder, едно мистериозно суштество сее терор во локалниот шумски предел. Ние не знаеме за какво суптество се работи бидејќи предаторот лови само во ноќта. Во една сцена, Ноќниот Јадач напаѓа едно стадо на трицератопси. Трицератопсите се диносауруси со препознатливиот оклоп и трите рога на нивните глави, а сепак Ноќниот Јадач ги напаѓа и ги распарчува небаре се хартија. Трицератопсите се обидуваат да се заштитат на секаков можен начин, но се беспомошни од ова чудовиште. Нивните крици одекнуваат надалеку и стигнуваат до ушите на Копје и Очник. Копје сака да му помогоне на стадото, но Очник со рикови и блокирање сака да го спречи да оди во правецот на масакрот. После една подолга тензија, Копје прифаќа да остане со Очник, станувајќи свесен дека може само да го изгуби животот ако појде небрежно. Ова е само еден пример за начинот на функционирањето на оваа серија, па можеби во некоја идна прилика би посветил посебен текст за моите поомилени епизоди од Primal.

Првата сезона на Primal е одлична, со квалитет кој го нуди во асови. Секоја епизода е по дваесет минути со своја посебна приказна, со исклучок на последната епизода. Тоа сепак останува на вас да видите, а мое е да ви препорачам да го проследите патешествието на Копје и Очник како живи сведоци и дивјачки борци во нивниот свет.

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.