Презентери од ББЦ се сложиле на намалување на платата за поголема родова рамноправност

Џереми Вајн, Џон Хамфрис, Хув Едвардс, Џон Сопел и Ники Кембел, кои се дел од водечките машки презентери од ББЦ, се сложиле на намалување на платите по критиките за големиот родов јаз во приходите на вработените во британскиот јавен сервис.

Овој потег следува по отказот на Кери Грејс од нејзината позиција, уредник на кинескиот сервис на ББЦ, во протест за нерамноправните плати меѓу женските и машките уредници на меѓународните сервиси.

ББЦ во јули минатата година објави дека две третини од медиумските работници, кои примаат преку 150.000 фунти годишно, се мажи.

Најголема плата имал Крис Еванс, кој заработува помеѓу 2,2 и 2,25 милиони фунти. Додека највисоко платената жена, Клаудиа Винклмен, заработува значајно помала сума – помеѓу 450.000 и 500.000 фунти годишно.

Од ББЦ претходно соопштија дека се „посеветени на тоа правилно да ги структуираат примањата“ и дека спроведуваат „сеопфатна анализа“ на платите на презентерите.