Претставата „Кенди“ ја доби наградата „БИШ“ на годинешниот МОТ

Претставата „Кенди“ во продукција на независниот театар „Златен Елец“ ја доби наградата „БИШ“ што се доделува во рамки на фестивалот Млад отворен театар (МОТ).

„Кенди“ е во режија на Тамара Стојаноска, а претставува дуодрама што зборува за зависноста кај младите со фокус на опијатната зависност. Во неа играат Лео Поповиќ и Бобан Алексоски.

Жири комисијата за доделување на наградата годинава беше во состав на режисерите, актери и продуценти Сашо Огненовски, Маја Митиќ (Србија) и Доротеа Подолски (Хрватска).

Наградата „БИШ“ се доделува втора година по ред, а беше воведена чест на македонскиот театролог Љубиша Никодиновски – Биш, еден од основачите на фестивалот кој почина лани. На годинешниот повик стигнале пријави од 25 театарски претстави на домашната независна продукција, од кои шест беа избрани да играат на годинешниот МОТ.