Од вечерва на МОТ почнуваат претставите од селекцијата за наградата БИШ

Оваа недела во рамките на 48. издание на Млад отворен театар почнуваат претставите од селекцијата за наградата БИШ.

Вечерва со почеток во 20 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се одигра претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“ во режија на Борис Василевски.

„’Вилицата на Ибен Бајерс’ сведочи за извонредниот подем и трагичниот пад на Ибен Бајерс, човек обземен од амбиции и заробен од смртоносна привлечност. Така, со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува во вистинската приказна за протагонистот, харизматичен индустријалец чиј живот добива судбоносен пресврт кога ќе наиде на моќен напиток. Застрашувачко истражување на човечкиот дух, што ги истакнува опасностите од неконтролираната амбиција и кревкоста на нашето постоење – сплет на хибрис и трагедија, кои даваат одговор на многу навидум едноставни, но сепак комплексни човекови дилеми“, се вели во описот.

Претставата е во изведба на театарското здружение „Штрих“. Автор е Филип Грујиќ, а продуцент Андреа Маркоска. Во неа играат Марјан Наумов, Ава Хусеини, Благојчо Стојанов, Томислав Давидовски, Јанка Лефкова, Гоце Андонов, Катерина Јовановиќ и Ана Грамосли.

Драматург е Стефан Миленков, музиката е на Сашко Костов, а сценографијата е на Ненад Тонкин. Костимографка е Марта Дојчиновска, за дизајн на светло Александар Јовановски. Постерот го дизајнираше Искра Илиеска.

Од 22:30 на сцената во кино Фросина во Младинскиот културен центар ќе се одигра претставата Немиот келнер. Претставата е режирана од Александар Ивановски, а работена по истоимениот текст на Харолд Пинтер во превод на Марио Стојаноски.

„Политички ангажирана претстава, која зборува преку секојдневните човечки односи и се занимава со процесите и состојбите низ кои поминуваме додека сме обесправени, немоќни и понижени. Бен и Гас се наоѓаат во подрумска просторија и се во исчекување на насоките за извршување на нивната следна задача. Но, настаните го менуваат својот вообичаен тек. Ова не е апсурд. Ова е реализам кој ја прикажува апсурдноста на нашето постоење. Сите сме ликови затворени во Пинтеровиот подрум, несвесни дека нашите животи не ни припаѓаат само нам. Веруваме дека самите ги носиме своите одлуки, цинично судиме за туѓата глупост, длабоко уверени дека ние сме поинакви. Но што кога ќе се скрши илузијата и ќе сфатиме дека целото ова време пред нас стоела чиста моќ?
Бидејќи моќта е постојано тука некаде: во соседната соба, позади вратата, во ходникот. Дури и кога е непрепознатлива и скриена, законот на моќта секогаш дејствува“, стои во описот.

Фото: Немиот келнер / МКЦ

Во претставата играат Васко Костовски и Мартин Ѓоргоски. Извршен продуцент е Батухан Ибрахим, сценограф Ненад Тонкин, костимографка Елена Кузманов. Дизајн на светло направи Андреј Неделковски, а плакатот го дизајнираше Тео К. Атанасовски.

Инцијативата за доделување на БИШ во склоп на МОТ започна мината година, како дел од заложбите за поддршка и промоција на домашната (пред сè) независна сцена.

На отворениот повик, информираат организаторите, оваа година се пријавиле 25 театарски претстави од домашната независна продукција, а на фестивалот ќе бидат прикажани шест селектирани претстави.