Независниот театар „Златен Елец“ со четири претстави ја заокружува третата година од формирањето

На половина од активностите по повод роденденскиот месец, независниот театар „Златен Елец“ од Скопје, ја заокружува третата година независност и постоење.

Во сабота (25.02) и недела (26.02) на репертоарот е претставата „Разнесени“, дуодрамата „Грета“ ќе гостува во Македонска Каменица во среда (22.02) и во Кавадарци(27.02), претставата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска е на репертоарот на МКЦ, во вторник(28.02), на последниот ден од месецот. Во јавна соба, како и секоја недела (26.02), на репертоарот е детска претстава, „Тајната книга на дедо“.

„Независниот театар е отворен за да биде заеднички простор за потрага по резултатот на идејата која вреди да се реализира, пред се од невработените уметници, актери, режисери, драматурзи и др. Освен оваа цел, ние сакаме да гостуваме со претставите секаде каде што има публика која сака да гледа театар, особено во оние места каде што и домовите на култура едвај работат заради финансиската ситуација што државата во последно време на помалите градови како и речиси насекаде, лошо им ја приредува, или со други зборови, парите се малку за проектите и целите на установите“, велат од театарот.

Фото: Театар „Златен Елец“

Надица Петрова и Бобан Алексоски се актерите што во 2020 година го основаа ова независно уметничко здружение, кое живее со многу љубов за проектите, зашто финансиската поддршка е со помала или речиси да ја нема.

„Задоволството на секој остварен проект, реализиран настан и најубавото – освоената публика се оние работи за кои вреди да се изоди и тежок пат. Продолжуваме со исто темпо, а на државата и министерството сакаме да им порачаме да не забораваат дека бројката на невработени театарџии постојано расте, лани беа ветени многу работи кои годинава сосема обратно се практикуваат.
Иднината е во младите, во оваа неуморна сила која три години ја покажуваме независно и сосема задоволно заедно со сите уметници кои до сега работеле на проектите“, додаваат од здружението.