Независниот театар „Златен Елец“ го слави март во знакот на театарот

Во саботата (13 март) во Социјален Центар Дуња Скопје со 29-тата изведба на монодрамата „Дневникот на лудиот 1“ од Николај Гогољ во режија на Ѓорѓи Ризески, а во изведба на Бобан Алексоски започнаа мартовските театарски настани по повод денот на театарот и првиот роденден на театар „Златен Елец“.

Театарот најавува богата програма, со почитување на протоколите за заштита од Ковид 19. Па така, на 20 март на иста локација, ќе се игра вториот дел од монодрамата „Дневникот на лудиот“ по текст на Лу Син со наслов „Човекојадство и иста екипа“ . На 30 март по десетти пат ќе биде изведена истата претстава, овојпат надвор во Босна и Херцеговина (Бања Лука) на Аплауз фест со видео линк и специјална фестивалска изведба.

Во меѓувреме на денот на театарот 27 март, премиерно ќе биде прикажана претставата за деца „Чувари на планетата“, проект поддржан од Град Скопје за оваа година. Во претставата играат Надица Петрова, Давид Илиќ и Бобан Алексоски. На 31 март пак ќе биде изведена комедијата „Не ми го чепкај пивото!“ во режија на Ѓорѓи Ризески, која беше и првата театарска премиера во Македонија за време на корона во 2020 година.

Од театарот информираат дека течат интензивните подготовки на претставата „Чикашки перверзии“.  Премиерата ќе биде во април, а режијата е на Сибел Абдиу. Летово најавуваат дека ќе се работи на текстот „Старицата од Калкута“, уште една ко продукција со СПАМ СТУДИОС од Бугарија, во режија на Ана Батева.