Оклоп – документарен театарски перформанс за секојдневието на лицата со попреченост

Како општеството гледа на лицата со телесна и интелектуална попреченост? Како тие лица гледаат на самите себе? Кои се предизвиците со кои се соочуваат секојдневно? И дали немоќта на младите да влијаат на сопствениот живот е еден нов вид на „социјална парализа“?

Одговорот на овие и многу други прашања се само дел од документарниот театарски перформанс „Оклоп“, кој комбинира актерски монолози и вистински интервјуа на темата лица со попреченост. Режисерка е Аница Бебиќ, а учесници во перформансот покрај Бебиќ се и Захарија Ангелеска, Филип Трајаноски, Тома Димовски и Искра Донева. Перформансот е прво искуство на Бебиќ, која е дипломирана актерка, да се проба и како режисерка, во време на пандемија.

„Идејата тргна од тоа кога моја школска другарка беше соочена со дискриминција и не информираност на нашите соучесници.. Пред се исто така сум секојдневен сведок на социјалната парализа од општеството со што и секојдневно се соочуваам… Беше предвидено да е представа, но поради пандемијата сето тоа се документира што на крај испадна и уште подобро. Понатака кога ситуацијата ќе стивне секако дека размислуваме за поставување на сцена“, вели таа.

Најпрво идејата била перформансот да биде составен само од актерски монолози, но во контакт со здруженијата за лица со попреченост, се родила идеја да се направат и вистински интервјуа со луѓе кои се соочиле со попреченоста. Па така, во перформансот се интервјуирани Радмила Периќ, Коце Димов, Зоран Костадиновски, Томислав Атанасовски, Марија Филипоска, Нада Костоска, Ангела Чингоска, анонимен родител и Зоран Мијалков. Интевјуата ги снимала самата режисерка, а актерските монолози Илија Жоговски.

„На крај сето тоа се монтираше и излезе еден дукумнетиран театарски перформанс.. Сето ова ми беше секако голем предизвик и искуство како што наведив и хоре јас сум дипломиран актер а ова ми е прво искуство како режисер и да работам со голема екипа. Соработаката беше многу отворена и емотивна.. Со што сум многу благодарна. Сите до еден беа пред се многу отворени и среќни што некој ќе ја ислуша нивната приказна“, вели Бебиќ.

Перформансот ја имаше својата онлајн премиера во декември и неколку репризи годинава, а повторно ќе се прикажува на 27ми и 28ми март во 20 часот, бесплатно на следниот јутјуб линк: https://youtu.be/jypejmBL6Do

Времетраењето на перформансот е 1 час и 34 минути, а линкот за гледање е поставен и на официјалната фејсбук страница ОКЛОП – A Suffocating Shield и на инстаграм профилот a_suffocating_shield.

Проектот е во организација на ЕТНА+АРТ ФУЗИЈА Крушево, а е реализиран со финансиската подршка на Германската Амбасада во Скопје и Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија (Оддел за промоција на човекови права).

Онлајн прикажувањето е проследено со превод на англиски и македонски во аудио и во визуелна форма, како и со превод на знаковен јазик.