Праизведба на комедијата „Лагата“ во МНТ

Комичната претстава „Лагата“ премиерно ќе биде одиграна на 15 октомври на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ).

Пиесата е работена според текст на современиот и мошне актуелен француски писател, драматург, театарски режисер, сценарист и филмски режисер, Флоријан Зелер, а е во режија на Бесфорт Идризи.

„’Лагата’ е текст што говори за тоа колку можеме да бидеме искрени особено во интимните односи, односно кога, колку и дали воопшто е дозволено да се лаже. Иако при првиот контакт со текстот, може да се добие впечаток дека негова главна тема е брачниот однос или неверството, сепак, како што и самиот наслов навестува, всушност, тоа со што се занимава текстот, а воедно и нашата претстава, е лагата како феномен“, вели Идризи за претстојната изведба.

Како што информираат од МНТ, комедијата во нашата земја се поставува за првпат, а во неа ќе играат Јордан Симонов како Павле, Габриела Петрушевска, Оливер Митковски и Драгана Левенска.

Сценографијата на претставата е на Крсте Џидров-Џиби, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а авторската музика во оваа театарска претстава ја потпишува Игор Василев-Новоградска.

Следните изведби се закажани на 21 и 29 октомври со почеток во 20:00 часот, а билетите се достапни преку веб-страницата, како и на билетарницата на МНТ, која работи секој работен ден и во сабота, од 16:00 до 20:00 часот.