Претставата „Сите сме птици“ од Слободан Унковски вечерва премиерно во МНТ

Вечерва (17 декември) на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ) со почеток во 20:00 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Сите сме птици“ во режија на Слободан Унковски.

„Оваа моќна современа драма која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме. Во драмата на оригиналниот и современ автор од либанско-канадско потекло, Важди Муавад, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знаат за својот идентитет. Поради терористичкиот напад во Ерусалим младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата  девојка Вахида (американка со арапско потекло) е оставена да ја открие неговата семејна тајна“, пишува во најавата.

Во претставата играат Дамјан Цветановски, Сара Климоска, Тина Трпкоска, Звездана Ангеловска, Николина Кујача, Емил Рубен, Никола Ристановски, Петре Арсовски, Сашка Димитровска и Драгана Костадиновска.

Текстот од француски на македонски јазик е во превод на Калиопа Петрушевска, а драматург е Јелена Мијовиќ. Сценографијата на претставата е на Бранко Хојник, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска и композитор е Ирена Поповиќ-Драговиќ.

Следните изведби се закажани на 20 и 21 декември, и на 30 и 31 јануари со почеток во 20:00 часот, а билетите се достапни преку веб-страницата www.mnt.mk, или може да се набават во билетарницата на МНТ.