Премиера на филмот „ПС Бусан“ од Саша Станишиќ утре во „Котур“

Краткиот филм „ПС Бусан“ (PC Busan) во режија на Саша Станишиќ, својата македонска премиера ќе ја има утре (5 октомври) во рамки на четвртото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“.

Проекцијата ќе се одржи во 20:00 часот во мултимедијалниот простор „Кафе и филм Котур”, а по тоа ќе има разговор со режисерот

„Главен лик во приказната е Гу, 40 годишен самец кој работи 60 часа неделно. Еднаш во неколку месеци, тој има слободен ден, кога конечно може да биде она што сака да биде. Филмот одговара на прашањето што значи да се живее во голема и раздвижена азиска метропола како што е Бусан, каде што новата технологија и старата традиција коегзистираат рамо до рамо. Во филмот е прикажан виртуелен Бусан каде неговите жители можат да побегнат од реалниот живот и да бидат тоа што сакаат“, пишува во краткиот опис.

„ПС Бусан“е во јужно-корејска продукција којшто Станишиќ го направил за време на неговиот тринеделен резиденцијален престој во Бусан во 2019 година, и како што се вели во најавата, снимен е на корејски јазик и сите учесници се Корејци.

Светската премиера ја имаше за време на третото издание на Интерсити фестивалот во Бусан, а освен утре филмот во земјава ќе се прикажува и од 15 ноември во рамки на ноемвриската програма на Кинотека на Севeрна Македонија.