#РаскажиМи: „Скиселени тикви“ – три кратки раскази од Саша Станишиќ

Овојпат во #РаскажиМи ги читаме расказите на Саша Станишиќ, кои се дел од збирката „Скиселени тикви“. Секој од расказите припаѓа на различни циклуси од збирката, односно од „Субурбани митови и легенди“, „Кратки хорор приказни“ и „2001“.

***

Секое градско маало кое држи до себе има еден свој манијак. Во Ге-Ге тоа е Бошко (45). Дете на богат татко, директор, а потоа и стечаен управник на пропадната државна градежна фирма и мајка, административец, вработена во Водовод и канализација. Неговите се разведоа уште кога Бошко беше дете. Тој тешко го прифати тоа и се повлече во себе, посебно во врска со девојките. Мајка му, пак, стана посесивна кон него, се грижеше како да е мало дете, удоволувајќи му во сè. Но, сепак не забележа ништо чудно кога Бошко почна да носи долг црн мантил, и во лето и во зима. Беше последна што дозна дека нејзиниот син, под мантилот не носеше буквално ништо, и дека така „гол“ секој ден попладне се шеташе по сокаците во Ге-Ге.

Омилено место за покажување му беше магацинот на Силекс со мермерни блокови покрај запуштената железничка станица, кои подоцна беа искористени во Скопје 2014. На ова апокалиптично место со многу простор за криење помеѓу мермерните блокови се собираа тинејџерите за дување и за лапање. Тоа го користеше Бошко, кој во манир на Бетмен скокаше од блоковите со раскопчаниот црн мантил пред заљубените и надувани тинејџери. Но, набргу Бошко го уапсија. Помина неколку месеци во Бардовци.
Мајка му успеа некако да го извлече и да го вработи кај неа на работа, во Bодовод и канализација, мислејќи дека така ќе може да внимава на него. Но, Бошко не се смени. При рутинска обиколка на водоводни шахти, си ја соблече униформата и излезе гол од една шахта, пред очите на цело едно семејство. Бошко веднаш доби отказ.

После тоа, татко му реши да ги среди работите на старински начин – со договорен брак. Му најде на Бошко жена од Америка, Сузи од Jersey City, ќерка на негов другар и бизнис партнер. Сузи има порцеланска насмевка и 100 килограми.

Сега, Бошко живее мирен американски семеен живот, кој со голема гордост го „шерува“ по Фејсбук, со идилични фотографии: од скара за 4 Јули, посета на Дизниленд со децата итн… Пред некој ден се чекираше во Central Park. Направил селфи во паркот. Сам е. Го носи истиот мантил со кој скокаше по карпите. Има первезна Мона Лиза насмевка. Како коментар, напишал: America, land of opportunity.

***

Баба Јорданка беше една осамена намќореста старица со тажна животна приказна. Преживеала два неуспешни брака, првиот маж умре од инфаркт, вториот од пијанство и рак. Немаше деца. Живееше сосема сама во мала куќа со несреден двор. Бидејќи имаше големи гради, Јорда не можеше физички да го сокрие фактот дека ѝ недостасуваше една од нив.

Така беше во стварноста. Но, во фантазиите на маалските деца во тие рани деведесетти, таа беше „лошата вештерка со една цицка“, која забрануваше да се игра пред нејзиниот двор и ги бушеше сите топки кои завршуваа таму. Едно дете, Тони, дури имаше пубертетска фелиниевска опсесија со градата на Баба Јорда. Многу сакаше да ја види.

Една вечер тој и неколку негови другари, кришум влегоа во дворот на Јорда кога таа се бањаше. Се прикрадоа позади каде беше прозорот од купатилото. Дворот самиот по себе беше морничаво место. Беше зараснат со трева и коприви, со полско веце во кое никој немашe влезено со години – освен по некоја мачка и птица. Единствено Тони имаше храброст и лудост да се искачи до прозорецот. Успеа да ја види, но толку се беше уплашил од глетката, што во паника падна и си ја скрши ногата. Тврдеше дека градата на баба Јорда личела на урокливо око.

Ногата на Тони му заздраве, но по некое време, на него и неговото семејство почнаа да им се случуваат несреќи во животот. Неговите ја изгубија целата нивна заштеда во пирамидата на ТАТ. Наскоро и фирмата на татко му отиде во стечај. Им се случи дури и пожар, предизвикан од баба му, која оставила вклучена пегла.
За тоа Тони ја обвинуваше баба Јорданка и нејзината „уроклива цицка“. Ги натера неговите да ја продадат куќата и да се преселат. Тони сега живее во Аеродром. Среќно е оженет и среќно вработен во државна администрација. Но, случката од таа вечер, остави последици врз него. Од тогаш, Тони не може да поднесе големи гради. Неговата жена скоро и да ги нема.

А баба Јорданка почнаа сите да ја избегнуваат. Се расчу приказната на Тони. Таа умре сама. Тивко. Немаше кој да ја наследи куќата која остана празна. Сега комшиите ја користат за свои потреби: паркинг, бавчи, магацин за градежен материјал… За баба Јорданка остана уште бизарната и сосема некоректна маалска фраза која понекогаш некој зајадливо ќе ја спомне, кога некој е осамен, тој е сам како „цицката на баба Јорда“.

***

Тој септември 2001, бев во Wild Wood, New Jersey, мало туристичко гратче на брегот на Атлантикот. Со оглед дека во Америка септември беше месец на распродажби, си купив фармерки со иронично име American Eagle со кои добив гратис це-де компилација од десетина песни. Меѓу песните беше и Crystal од New Order, нивниот повратнички сингл по паузата од десет години.

Попладнето на 11 септември бев во јавна пералница, заедно со неколку мексикански мајки со нивните деца и Ахмед Зак, Египќанец од Александрија, син на еден од инженерите на Асуанската брана.
Ахмед со голем занес ми објаснуваше зошто Америка заслужи да биде нападната и зошто источноевропејките се најубави жени во светот. На касетофонот кој претходно го понесов, ја пуштив песната на најгласно. А, Ахмед Зак, и покрај тоа што ни самиот не се слушаше од музиката, продолжи да зборува за крајот на американската империја.

Седнав пред пералницата. Музиката ечеше од внатре. Улиците на Wild Wood беа тотално празни. Сите беа дома. Ги следеа апокалиптичните новости. Гратчето, со мотелите со неонско светло, стариот ролеркостер покрај шеталиштето и конвенцијата на олдатјмери која се случуваше тие денови, беше скаменето во носталгијата за 50-те, време кога Американците сè уште веруваа во нивниот сон.

Во меѓувреме Ахмед се пресели во Лондон. Се ожени со Полјачката на која ѝ пишуваше огромни љубовни писма. Со неа има две деца. А, во овие десет години не престана да ми испраќа мејлови со муслиманска и антиционистичка содржина. Па, секогаш кога ќе ја чујам песнава не можам а да не се присетам на 11 септември. Оти, нели… WE’RE LIKE CRYSTAL, WE BREAK EASY…. TOWERS, CITIES, EMPIRES, PEOPLE, HEARTS….

Саша Станишиќ е режисер, продуцент и писател. Завршил  Општа и Компаративна Книжевност и Филмска и ТВ Режија во Скопје.  Доцент е на Интернационалната Академија Еуропа Прима. Како режисер се потпишува на повеќе кратки филмови – „Мангава диско панк” (дел од омнибусот „Скопје ремикс, PC Busan“ (снимен во Јужна Кореја како дел од режисерската резиденција во Бусан,  Кавал).

Тој е менаџер на Катавеј  –  компанија која се занимава со продукција и дистрибуција на филмови. Со Катавеј ја започнува „Cinesquare“ – ВоД платформа фокусирана на европски филмови која ги покрива сите земји од регионот.  Редовно присуствува на најголемите европски фестивали и е редовен гостин на форуми и настани поврзани со онлајн дистрибуција како и филмска режија.  „Скиселени тикви” е негова прва збирка раскази.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.