#РаскажиМи: „Бикот со белите ракавици“ од Марија Митева

Овојпат во #РаскажиМи го читаме краткиот расказ „Бикот со белите ракавици“ од Марија Митева.

Бикот со белите ракавици

Секој ден беше ист. Будење во 7 часот, туширање, појадок, пешки кон работа. Купуваше кафе од кафетеријата каде што точно знаеја колку кратко или долго го сака своето еспресо. Секогаш имаше некоја итна операција или проверка, преживеани пациенти кои во виски и бонбониера се заблагодаруваат за неколкуте години живот што им преостанува, некои уплакани роднини кои молат за термин поскоро, но сите знаеја за што служи касетата за пури.
Денешниот ден по ништо не требаше да се разликува од претходните. Кога излезе на прагот од својата куќа забележа црвени капки на асфалтот. „Не можеше да биде… Не!“ – Се испаничи, се врати дома, ја тресна вратата и отиде набрзина да го измие лицето, кое веќе го беше намачкал со колонска вода. Се созема, се поднамести и реши дека ќе излезе и ќе ги игнорира тие црвени капки. Планот успеа до првиот агол, кога на ѕидот од левата страна имаше насликано мурал со голема кубанска пура од која излегува црвен чад. Крвотокот се забрза, му пулсираше вената кај челото над десната слепоочница. „Игнорирај и забрзај“ – си рече. На следниот ѕид уште една идентична, на следниот ѕид уште поголема. Асфалтот е црвен. Луѓето минуваат и го зјапаат. Со трчање се врати дома, влезе во гаражата и ја зема првата канта со поликолор која ја најде. Почна да ги бои црвените капки пред својата куќа и графитот зад аголот, и оној по него и тој на другиот ѕид, ја расфрла бојата и по црвениот асфалт. Доцнеше на работа, но не му беше гајле. Ја бришеше потта со раце бело обоени, чистиот костум се претвори во докторски бел мантил. Ги здогледа луѓето кои минуваа по улицата и оние кои стоеја покрај дворовите. „Не е време за визита. Не сега!“ – им довикуваше хирургот. Меѓу нозете на толпата луѓе, го виде својот пес, кој стоеше закашкан во белите дамки. Тогаш хирургот, забележа дека нема ниту трага од графитите со кубанска пура и црвен чад – бојата што не можеше да ја поднесе. Црвениот асфалт, всушност беше патеката за велосипеди кои вработените од општината тазе ја бојадисуваа, па оттаму и капките пред неговата куќа. Графитите изгледа и никогаш не постоеа. Го зема Дон – златниот ретривер, влезе во својот дом и оттогаш многу малку знаеме за бикот со белите ракавици.

Митева е фан на експерименталната уметност и зборовните играрии, а играта и експериментот како концепт во секојдневието, чии правила ги научи во студентските денови на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Сега во нејзиниот фокус е како да си игра кршејќи ги правилата, што посебно се познава во нејзиното дебитантско дело „Највисокото дно“, раскази кои формираат роман.

Ние сме генерација што сака да се посвети на здравиот начин на живот, а трча на лента во соба полна со монитори движечки дрвја.“ – Највисокото дно.

Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.

Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Расказите и преводите треба да бидат на македонски јазик.