„Пределот над Вевчани не е предвиден за ски центри и хотелски комплекси“ – реакција на WWF и Еко-свест

По изјавата на Директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Дејан Павлески за планираната изградба на луксузни ски центри на Јабланица, Светската организација за заштита на природата – WWF и Еко- свест реагираат дека овие планови се во спротивност со заштитата на природата и со меѓународните стандарди.

Организациите истакнуваат дека во Планот за управување, пределот над Вевчани не е предвиден за изградба на ски центри и хотелски комплекси, а генерално, изградба на инфраструктура за масовен туризам не е дозволена.

Оттаму потсетуваат дека пред две години, Споменикот на природа „Вечански извори“ кој се протега на 1370 хектари на планината Јабланица го доби својот План за управување кој овозможува активна заштита, како резултат на напорите на Општина Вевчани и Еко-свест. Важноста на ова подрачје, според нив, ја потврди и одлуката на Владата да ја прогласи планината Јабланица за национален парк.

Според Ана Чоловиќ Лешоска, Координаторка за политики за WWF Adria во Македонија, една од препораките во последниот експертски извештај од Бернската Конвенција за Северна Македонија е дека е потребно усогласување на просторните и секторските планови, особено за туризмот и урбаните населби со цел да се спречи понатамошна урбанизација и деградација во националните паркови и заштитените подрачја. Воедно, извештајот вели дека е потребно да се поттикнат одржливи, еколошки форми на туризам, кои се засноваат на стандардите на IUCN за туризмот во заштитените подрачја.

„Не смееме постојано да си дозволуваме непочитување на меѓународната заедница и ратификуваните конвенции и да одиме спротивно на овие препораки. Сите наши институции имаат еднаква одговорност да ги почитуваат овие препораки, а ваквите изјави се показател на некоординираност и неинформираност во системот“ изјави Чоловиќ-Лешоска.

Според најавите, на Јабланица кај Струга и Вевчани, на Бушава планина кај Крушево и Македонски Брод, на Караџица кај Сопиште и Студеничани се планирани да се градат три нови луксузни скијачки центри кои би чинеле помеѓу 700 и 800 милиони евра. Целта е стимулирање на домашната економија и на меѓународниот и домашниот туризам.

„Според извештајот за проекции на климатските промени и за промени во екстремните климатски настани во Македонија, земјата ќе се соочи со потопла и посушна клима. Ова значи зачестени и продолжени сушни периоди во земјава како и значително поместување/ скратување на есенската и зимска сезона. Многу држави во светот кои имаат развиени скијачки центри во изминативе три години претрпеа огромни финансиски загуби токму поради покачување на температурите и недостатокот на снег. Изградбата на нови ски центри во земјава ќе биде скапа и финансиски неисплатлива инвестиција“, додава Елена Николовска, Програмски координатор за клима во Еко-свест.

Дополнително, организациите велат дека секоја инвестиција за масовен туризам не носи придобивки на локално ниво и за локалното население, иако така честопати се претставува од страна на властите и инвеститорите. Според нив, ваквите проекти носат приходи за големите компании кои профитираат на сметка на уништување на природата и локалните ресурси.

WWF и Еко-свест ја упатуваат својата реакција јавно и до Агенцијата за странски инвестиции и бараат ревизија на предложените проекти кои се однесуваат на ски центри во идни национални паркови и заштитени подрачја. Бараат да се направат алтернативни планови за одржлив туризам за што стојат на располагање на надлежните институции.