Предавање „Културен џетлег-Музеите во/и регионот“ на Аленка Грегорич

Во Музејот на современа уметност во Скопје вечерва од 20 часот предавање на тема „Културен џетлег – Музеите во/и регионот“ ќе одржи Аленка Грегорич, уметничка директорка и кураторка во Градската уметничка галерија во Љубљана.

Грегорич е историчарка на уметноста, кураторка и писателка. Од 2003 до 2009 година таа е директорка на Шкуц галеријата во Љубљана, а од 2009 уметничка директорка и кураторка во Градската уметничка галерија во Љубљана (City Art Gallery Ljubljana) и CC Tobacco 001 (и двата простори дел од Музеј и галерии Љубљана).

Во 2009 била кураторка на Словенечкиот павилјон на 53. Венeциското биенале, како и ко-кураторка на 28. Графичко биенале во Љубљана. Во 2011 била ко-кураторка (заедно со Гилит Еилат) на 52. Октомвриски салон во Белград, а во 2014 била една од кураторите на „Курирано од Виена“.

Курирала бројни самостојни и групни изложби во Словенија и надвор од неа. Освен тоа, авторка е на бројни есеи, критики и колумни објавени во книги на уметници, каталози и други публикации, а била и уредничка на каталози и книги на уметници. Предмет на нејзин интерес е одговорноста на оние кои ја создаваат современата уметност, како и на културните институции и нивната улога во современото општество.