Пред и по атомската бомба – апликација за „туризам на мирот“ во Хирошима

Нова смартфон апликација, наменета за туристите во Хирошима, ќе покажува како изгледал градот пред да биде уништен од нуклеарната експлозија во Втората светска војна.

Апликацијата ги води корисниците на „трагата на мирот“ до некои од градските знаменитости, откривајќи што се наоѓало на секое место пред САД да ја фрлат бомбата „Малото момче“ во 1945 година, пишува весникот Маиничи, пренесува ББЦ. Опцијата треба да биде достапна од 6-ти август, кога Хирошима ја одбележува 72-годишнината од атомскиот напад.

Корисниците можат да ги подигнат своите смартфони или таблети и да видат како локацијата на која се наоѓаат изгледала пред август 1945 година.

Градските власти инвестираат околу 85 илјади долари за развивање на апликацијата и подобрување на ви-фи сигналот по патеката, како дел од нивниот план за „туризам на мирот“. Претставник на градот рекол за весникот дека градската власт сака луѓето „детално да се информираат за реалностите од штетата направена од атомското бомбардирање“ и дека апликацијата има намера да ги охрабри туристите да останат подолго во градот, од еднодневната тура која многумина ја посетуваат.

Градот Нагасаки, на кој беше фрлена атомска бомба три дена пред Хирошима, исто така ја користи технологијата да ги едуцира луѓето за катастрофалните последици на нуклеарното оружје. Минатата година, проект за виртуелна реалност, овозможи децата во основно училиште да увидат како изгледал градот веднаш по експлозијата на бомбата „Дебелото момче“ над градот, проследено со звуци од газење по рушевини и ветер кој дува низ уништените објекти.