Познатиот луксузен воз „Ориент експрес“ повеќе нема да тргнува од Лондон

Еден од најпознатите возови во светот по 41 година повеќе нема да тргнува од Лондон бидејќи операторот на модерниот „Ориент експрес“ одлучи да го откаже британскиот дел од рутата поради Брегзит.

Луксузниот воз сообраќаше низ Велика Британија меѓу Лондон и Довер, а потоа патниците се префрлаа во автобуси и со траект преку Ла манш се превезуваа до Кале во Франција, каде што патувањето продолжуваше до Париз и понатаму до Истанбул.

Патувањето низ Велика Британија траеше околу три часа. Рутата од 19 век го поврзува Париз со Истанбул.

Со текот на годините, рутите се менуваа, а една од најпопуларните беше од Париз до Истанбул и онаа што ги поврзува Лондон и Венеција.

„Ориент експрес“ беше и остана познат по својот луксуз и елеганција. Внатрешноста на возот ја дизајнирале врвни дизајнери, а просторот е направен од скапи материјали како ореово дрво, кристал и злато. Патниците можат да уживаат во храна и пијалок со врвен квалитет и во различни услуги, како што се кројачи и фризери.

Првото возење е реализирано во 1883 година, а на него патувале многу познати личности како Винстон Черчил, Агата Кристи и Ернест Хемингвеј. Поминал низ бројни европски земји, а патувањата се разликувале по рута, времетраење и луксуз.