Градоначалникот на Лондон бара мизогинијата да се прогласи за злосторство од омраза

Лондонскиот градоначалник Садик Кан ги повика законодавците да ја класифицираат мизогинијата како злосторство од омраза.

Гостувајќи на телевизијата „ИТВ“ во програмата „Добро утро Британија“, Кан го опиша насилството врз жените и девојчињата како епидемија.

„Меѓу минатогодишниот и овогодишниот Меѓународен ден на жената, 180 жени беа убиени од мажи ширум нашата земја. Имаме епидемија кога станува збор за насилство врз жените и девојчињата“, рече Кан.

Исто така, Кан изјави дека девојчињата биле принудени да го променат начинот на облекување кога одат кон училиште поради начинот на кој момчињата се однесувале кон нив.

„Мислам дека мораме да да ја прогласиме мизогинијата за злосторство од омраза. Мислам дека вознемирувањето жени во јавниот простор треба да биде кривично дело“, додаде Кан.

Градоначалникот ги изнесе овие коментари во сенка на убиството на наставничка од основно училиште минатиот викенд. Наставничката Сабина Нес била нападната додека во петокот вечерта заминала од својот дом за да се сретне со своите пријатели.

Во јули, британската влада објави стратегија за борба против насилството врз жените и девојчињата, ветувајќи подобри услуги за поддршка на малцинските заедници.