„Незаменлива“ – Како светските весници оддадоа признание на кралицата Елизабета Втора

Претседатели, премиери и монарси од целиот свет денеска испраќаа пораки по веста за смртта на британската кралица Елизабета Втора.

Дел од нив споделуваа лични спомени за нејзината добрина и хумор, други оддаваа признание за тоа како кралицата беше симбол на константност низ глобалните турбуленции додека таа владееше со Обединето Кралство.

Признание за нејзината служба оддадоа и весниците низ светот, особено оние во Велика Британија, каде кралицата владееше рекордни 70 години.

Многу од весниците, меѓу кои и „Гардијан“, избраа фотографија за насловната страница од крунисувањето на кралицата во јуни 1952 година.

„Телеграф“ избра понова портрет фотографија од кралицата и се повикаа на нејзиниот познат говор по терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година.

„Ниту еден збор не може да ја намали болката во овие моменти. Жалењето е цена која ја плаќаме за љубовта“, рече тогаш кралицата Елизабета Втора.

Весникот „Дејли Мејл“ на насловната страна напиша „Нашите срца се скршени“, додека „Мирор“ напиша само два збора – „Ви благодариме“.

Многу од насловните страници на весниците во Австралија утрово беа објавени со фотографија од кралицата заедно со зборот „Незаменлива“.

Почит оддадоа и весниците низ Европа, каде кралицата има голем број подалечни роднини и каде е ценета од милиони луѓе.

Насловната страница на шведскиот весник „Дагенс Нихетер“ објави фотографија од кралицата од нејзиниот скорешен платинест јубилеј во јуни, со што беше одбележана 70-годишнината од нејзиното владеење.

Во Франција, земја која кралицата ја посетуваше многупати во нејзината кариера, весникот „Либерацион“ објави наслов „Болката на Англија“, додека во специјално издание на „Ле Паризиен“ насловот беше „Многу ја сакавме“.

Германскиот „Дер Шпигел“ објави фотографија од кралицата со затворени очи заедно со наслов: „Последното височество“.

„Билд“ избра да ги собере глобалните емоции од смртта на Елизабета Втора преку насловот „Светот плаче за кралицата“.