Почина кралицата Елизабета Втора, монархот кој најдолго владееше со Велика Британија

Кралицата Елизабета Втора, која беше најдолго на кралскиот трон во британската историја, почина на 96 години, соопштија од Бакингемската Палата.

Пред Палатата во Лондон во текот на денот се собираа граѓани загрижени за состојбата на кралицата, откако утрово нејзиниот лекарски тим соопшти дека се загрижени за нејзиното здравје.

Британското знаме на врвот на Палатата беше спуштено на половина копје во 19:30 часот по македонско време.

Кралицата Елизабета Втора дојде на кралскиот трон во 1952 година и владееше со Обединетото Кралство 70 години сведочејќи огромни социјални промени во кралството.

По нејзината смрт, нејзиниот најстар син Чарлс, поранешниот принц од Велс ќе стане нов крал на Обединето Кралство.

Владеењето на кралицата Елизабета Втора се простираше во поствоената криза по Втората светска војна, транзицијата на кралството во Комонвелт, крајот на Студената војна и влезот, како и излезот на Велика Британија од Европската Унија.

За време на нејзината власт земјата смени 15 премиери, почнувајќи од Винстон Черчил и завршувајќи со Лиз Трус, која беше назначена за премиер од кралицата претходно оваа недела.