Пожарот во „Макстил“ го наполни скопскиот воздух со ПМ10 честички

Државниот инспекторат за животна средина информираше дека денеска извршил вонреден инспекциски надзор во Макстил заради пожарот што избил на место за припрема на старо отпадно железо во погонот Челичарница, кој не работи од 29 април.

„Врз основа на податоците од Државниот Автоматски Мониторинг Систем за Квалитет на Воздухот, во текот на ден 11.05.2018 година е забележано зголемување на концентрациите на РМ10 во 03 часот наутро на мерното место Гази Баба (кај ПМФ) часовната концентрација била 228.02 микрограми на метар кубен и на мерното место Ректорат часовната концентрација била 137.22 микрограми на метар кубен. Веќе од 5 часот, евидентирано е намалување на концентрациите“, велат од Инспекторатот.

Покрај Инспекторатот, надзор денеска направија и Инспекторите од Дирекцијата за заштита и спасување надлежни за пожари и заштита и спасување.

Пожарот бил забележан од страна на вработени лица синоќа околу 21.20 часот, по што е пристапено кон негово гаснење со ПП апарати. Потоа била повикана напомош Противпожарна служба на РЖ Услуги Железарница, како и Градската противпожарна служба. Во текот на гаснењето подоцна се има вклучено и ЈП Водовоод и Канализација.