Пожар ги проголта канцелариите и документацијата на Државниот инспекторат за животна средина

Два часа утрово пожарникарите го гаснеа пожарот кој избувна во зградата во центарот на Скопје, каде е сместен Државниот инспекторат за животна средина, Македонската информативна агенција МИА, но и повеќе државни институции, меѓу кои и Секретаријатот за европски прашања.

Во пожарот најмногу настрада Државниот инспекторат за животна средина, а во директорот Фејзула Спахија во изјава за „360 степени“ вели дека е изгорена целата документација, а од водата биле ошетени и комјутерите. Единствено додава, неговата канцеларија не била уништена.

Притоа, освен канцелариите на Инспекторатот, зафатен е дел и од МИА. Материјалната штета допрва ќе се утврдува, а нема човечки жртви бидејќи пожарот избувнал пред почетокот на работното време, а бил пријавен од чуварот.

Како што изјави командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, пожарот се гаснел два часа поради отежнат пристап во зградата и неисправна хидрантската мрежа.

„Станува збор за сложена интервенција затоа што пожарот е во Инспекторатот за животна средина. Се работи за простории во поранешна Комерцијална банка, преградени со гипс картони и стаклени врати. Внатре не работи ниту еден хидрант. Тоа ни претставуваше проблем. Точно не знаевме како да влеземе се додека не пристигнаа вработените во МИА кои ни дадоа шема како да влеземе“, изјави Симоновски.

Во битката со огнот учествувале девет противпожарни возила и 24 пожарникари, а интервенираше и брзата помош откако еден пожарникар почнал да се гуши во текот на интервеницијата за гаснење на пожарот.