Повеќе од 460 куќи уништени по ерупција на вулкан во Шпанија

Ерупцијата на вулканот на шпанскиот остров Ла Палма која уништи повеќе од 460 куќи продолжи, а бројните спасувачки служби сѐ уште се на терен и ги следат вулканските активности, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Аеродромот на шпанскиот остров Ла Палма вчера повторно се отвори, а властите дозволија дел од евакуираните жители да ги соберат своите работи од домовите.

Според податоците на системот за набљудување на Земјата на Европската вселенска агенција Коперник, лавата во седум дена проголтала 462 куќи на површина од 212 хектари, како и повеќе од 40 магацини, објекти и површина што се користи за сточарство и земјоделски работи.

Речиси 6.000 луѓе се евакуирани од своите домови во Ла Палма кои се привремено сместени во хотели, спортски сали, гаражи и неоштетени или помалку оштетени куќи од други жители на островот.

Вулканот еруптираше на 19 септември на канарскиот остров каде живеат речиси 80.000 луѓе. Според првичните проценки, штетата изнесува речиси 400 милиони евра. Научниците проценуваат дека ерупцијата може да трае и до три месеци.

Последната слична вулканска ерупција во Шпанија се случи во 1971 година на истиот остров, кога еруптираше вулканот Тенегуија.