НАСА: Вулканската ерупција кај Тонга била 100 пати посилна од атомската бомба во Хирошима

Ерупцијата на подводниот вулкан во близина на Тонга била сто пати посилна од атомската бомба во Хирошима, соопшти НАСА, јавува „Си-Ен-Ен“.

Џим Гарвин од НАСА рече дека ерупцијата на вулканот Хунга Тонга на 15 јануари ослободила „стотици пати поголема механичка енергија од нуклеарната експлозија во Хирошима“, осврнувајќи се на една од двете атомски бомби фрлени од САД врз Јапонија за време на Втората светска војна.

„Ова е прелиминарна проценка, но мислиме дека количината на енергија ослободена од ерупцијата е еднаква на некаде помеѓу 4 и 18 мегатони ТНТ“, рече Гарвин.

За споредба, научниците проценуваат дека ерупцијата на планината Сент Хеленс во 1980 година ослободи 24 мегатони енергија, а Кракатау, кој е еден од најголемите вулкански настани во историјата кој еруптираше во 1883 година, ослободил 200 мегатони.

Околу 170 острови во земјата беа покриени од вулканскиот облак од ерупцијата кај Тонга. Во ерупцијата и цунамито загинаа најмалку три лица, беа уништени стотици домови, а оддалечените острови беа отсечени од светот без комуникација.