[Обновено] Најмалку 920 загинати во земјотрес во Авганистан

Најмалку 920 лица загинаа во земјотрес со јачина од 6.1 степени според Рихтеровата скала во Авганистан, а стотици се повредени, јави Евроњуз.

Земјотресот кој се случи во утринските часови погоди делови на густо населените области во источен Авганистан и Пакистан, објави Американскиот геолошки институт (УСГС), пренесува Ал Џазира Балканс. Земјотресот погоди подрачје на 44 километри од провинцијата Хост, на југоистокот на Авганистан, а епицентарот бил на длабочина од 51 километар, според УСГС.

Најголем дел од жртвите се регистрирани во провинцијата Пактика, каде загинаа околу 255 лица, а околу 200 се повредени, изјави Салахудин Ајуби од Министерството за внатрешни работи.

Во источната провинција Хост пријавени се 25 загинати, а во Нангархар загинале пет лица.

Земјотресот се почувствува на распон од околу 500 километри во Пакистан, Авганистан и Индија, област каде живеат околу 120 милиони луѓе, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар (ЕМСЦ).

Засега нема информации за жртви во Пакистан, но според медиумите, бројот на жртви е многу поголем.