Авганистанки протестираат за реотворање на средните женски училишта

Жени и девојчиња во Авганистан организираа протест пред талибанското Министерство за образование во Кабул, барајќи повторно да се отворат средните женски училишта во Авганистан.

„Гардијан“ пренесува дека толпата скандирала „Образованието е наше право – отворете ги вратите на женските училишта“, додека Талибанците го надгледувале протестот. Претходно тие го прекинале протестот, апсејќи ги оние кои учествувале, но потоа дозволиле протестот да продолжи.

Талибанците беа критикувани бидејќи минатата недела во последен момент наредија средните училишта да се затворат, само неколку часа откако тинејџерките почнаа да пристигнуваат на почетокот на новата академска година.

Откако Талибанците стапија на сила во Авганистан, основните училишта за девојчиња ширум земјата, како и училиштата за момчиња, останаа отворени, но на средношколките не им беше дозволено да ги посетуваат.

Талибанското Министерство за образование истакна дека средните училишта за девојчиња ќе се отворат повторно во средата минатата недела, но одлуката беше отфрлена од централното раководство на групата, кое рече дека тие ќе останат затворени додека не се подготви „сеопфатен“ и „исламски“ план.

Аганистанската хуманитарна акција „ПенПат“ која раководи бројни „тајни“ училишта и има илјадници волонтери, планира да организира протести низ целиот Авганистан, со кои ќе се бара од Талибанците да ја сменат својата одлука.

Во некои од реоните од северен Авганистан, локалните талибански функционери им дозволиле на тинејџерките да посетуваат настава, но дел од функционерите и понатаму се противат на ваквата одлука.