„Посвети и пофалби“ – Нова стихозбирка од Иван Џепароски

„Посвети и пофалби“ е насловот на новата поетска книга на Иван Џепароски што деновиве се појави во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје.

Стихозбирката е објавена во познатата едиција „Синтези“, со поговор на Кристина Николовска, под наслов „Со стих кон стихот“.

„Со ова дело македонската литература, добива извонредно остварување кое преку стих покренува, третира и толкува серија важни прашања од нашиот културен, научен и творечки амбиент“, пишува во поговорот.

Џепароски е поет, филозоф, естетичар, критичар, преведувач и антологичар. Автор е на четириесетина дела од областа на поезијата, на естетиката и културната теорија, како и составувач на поетски антологии и на книжевно-теориски и естетички избори.

За своето творештво добитник е на наградите „Млад борец“, „Димитар Митрев“, „Парадигма“, „Браќа Миладиновци“, „Книжевен жезол“ и „Константин Филозоф“.

Добитник е и на наградата „Григор Прличев“, највисоко признание за поетски превод.