СВП го објави конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“

Од Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ (СВП)  информираат дека е распишан конкурсот за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија, објавена на македонски јазик во периодот од 1 Јуни 2022 година до 31 Мај 2023 година.
Оттаму велат дека наградата се доделува за поетска книга напишана и објавена на македонски јазик, во книжен или електронски облик.
На конкурсот може да биде пријавена и книга објавена двојазично, во која што поетското творештво е оригинално создадено на македонски јазик, односно  не е превод од друг јазик.

„Пријавените книги ќе ги оценува жири-комисија од пет члена, а објавувањето на резултатите ќе биде согласно Правилникот за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ и Одлуката за измена на Правилникот кои се објавени на  веб-страната на установата“, велат од „СВП.

Дополнително, сите апликанти треба да ги задоволуваат следниве критериуми:
– На конкурсот пријави можат да поднесат авторите или нивните издавачи со согласност од авторот.
– Еден автор или издавач може да учествува со неограничен број наслови.
– Пријавените поетски книги треба да се првообјавени во периодот за кој се доделува наградата и да не бидат претходно објавени на друг јазик.
– Избори или книги во кои има препечатени делови од други книги нема да бидат земени предвид.
– На конкурсот можат да бидат пријавени само дела од еден автор. Коавторски дела се неприфатливи.
– Книгите мора да имаат ISBN број.
– Книги од членови на УО на НУМ СВП, директорот на НУМ СВП, вработените или на членови на жири-комисијата и нивни поблиски роднини нема да бидат прифатени.
– Со учеството на конкурсот се смета дека учесниците на конкурсот се запознаени и ги прифаќаат одредбите на Договорот за доделување на наградата Браќа Миладиновци.
– Услов за добивање на наградата е потпишување на Договорот за доделување на наградата Браќа Миладиновци од страна на добитникот.
ОД „СВП“ дополнуваат дека конкурсот е отворен до 25 јуни, а авторите или издавачите за учество на конкурсот мора да испратат шест примероци од книгата на адресата НУ Манифестација„Струшки вечери на поезијата“,  Поштенски фах 111, „Браќа Миладиновци“ бр.5, 6330 Струга, Република Северна Македонија со назнака „За конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ 2о23.
„Доколку се работи за печатени публикации, покрај доставените 6 примероци од книгите, авторите или издавачите препорачливо е да ги достават и во електронска форма (во .pdf формат) на следната адреса: struga@svp.org.mk. Недоставувањето на книгите во  електронски pdf формат не ги исклучува авторите или издавачите од учеството на конкурсот“, истакнуваат организаторите, дополнувајќи дека книгите не се враќаат.