Поради дојавите за бомби, десетици средношколци повеќе време поминуваат во автобус одошто во клупа

Нови дојави за бомби денеска испразнија 19 скопски основни и средни училишта, едно основно училиште во Прилеп, а мејл со закана доби и Основниот суд во Охрид. Со оглед на фактот дека од почетокот на второто полугодие, речиси секојдневно има дојави и прекин на наставата, се поставува прашањето, како овие случувања влијаат на образовниот процес, но и на учениците? На оваа тема поразговаравме со училишниот психолог, Ники Ивановска Котевска која работи во скопските гимназии „Никола Карев“ и „Георги Димитров“, пишува Мета.

„Прекините на наставата кои се случуваат скоро секојдневно, се сериозен удар врз текот на наставниот процес. Во последно време има ученици кои доаѓаат неподготвени на час (без основен прибор за работа), со објаснување дека „каде и да е, ќе има дојава“. И за жал, навистина е така“, вели Ивановска Котевска.

Оние ученици, пак, кои доаѓаат од подалеку, додава таа, повеќе време поминуваат во градскиот превоз отколку во клупите.

„Се забележува зголемено ниво на стрес кај матурантите. Доминира фрустрирачкиот момент за самиот прекин на наставата, за разлика од ситуацијата во основните училишта, каде стресот при евакуација е поголема, а дополнително родителите неопходно е самите да ги земат своите деца од училиште“, вели училишниот психолог.

Таа смета дека одлуката за онлајн настава, дополнително го зголемува стресот.

„Кај средношколците ефектот од овој вид настава е на многу ниско ниво, бидејќи веќе имаме искуство од негативностите – вклучување од кафулиња, теретани, шопинг центри, изговори за неисправност на некој дел од опремата итн., и лично сметам дека наставата од далечина не е единствениот начин за надополнување на изгубените часови. Постојат и останати методи за надополнување на истите, но за тоа треба надлежните институции да вложат малку повеќе труд и да ја организираат наставата“, смета Ивановска Котевска.

Освен учениците, под стрес се и професорите во училиштата. Тие често не се во можност да ги реализираат дневните планирања за часот и наоѓаат други алтернативни решенија за да го задоволат она што е предвидено да го научат учениците.

Мета.мк денеска разговараше и со Димитар Ѓоргиев, директорот на средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“, кој кажа дека по добиената денешна дојава, учениците продолжиле да следат настава од дома.

Пред пет дена, директорите на гимназиите „Орце Николов“ и „Никола Карев“ за Мета.мк рекоа дека со наставничкиот совет одлучиле после секоја добиена дојава, наставата да продолжи од дома. Ден потоа, Министерството за образование и наука (МОН) објави дека испратиле допис до сите училишта, штом добијат дојава за бомба, часовите да продолжат да се одржуваат онлајн.

За сите досегашни дојави, кои за првпат почнаа да стигнуваат до електронските адреси на македонските училишта на 26 октомври минатата година, се утврди дека се лажни. Оваа форма на хибриден напад започна лани, откако претходно во 2022 година лажните дојави за бомби се појавија и во соседните земји Србија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина.

Мета