Полуотворено со Милан Чекрџин – Цеф во „Буква“

„Пробал сѐ и сешто и бил секаде. Знае сѐ и ништо не му е тешко. Тој вози бендови, организира концерти, го има на шпица од вести, има брада, па нема брада, може да помине граница, па не смее да помине граница, оди во гулаг, излегува надвор, пушта матрици, па вози бендови, мести звук на настани, пакува и распакува бубњеви, па зготви храна и среди смештај за бендови на турнеја, работи мерч, собира кабли, легнува да спие и се буди прв бидејќи спие буден“.

Вака отприлика е опишан Милан Чекрџин – Цеф, авторот на книгата „Полуотворено“. Ова свое дело Цеф ќе го промовира на 1 март (среда) од 20 часот во скопската кафе-книжарница „Буква“.

„Родум од Зрењанин, денешен жител на Нови Сад и во минатото привремен жител на Сремска Митровица, во Казнено поправната установа. Во кратки црти, Цеф е фатен со 72 грама канабис и осуден на 3 ипол години затвор. Казната ја издржува во полуотворено одделение на затворот, и за време на неговиот престој таму пишува дневник, кој првично го објавува на својот блог, со посредство на неговата девојка и пријатели. По излегувањето од затвор, при директна комуникација со чителите ја сфаќа вредноста на содржината и решава блогот да го претвори во книга-дневник“, се вели во најавата на „Буква“ за промоцијата.

Од „Буква“ посочуваат дека книгата излегува во 2022 година и проаѓа одлично, се организираат промоции во Србија и Хрватска, а прогласена е и за најпродавана книга од домашен автор во книжарниците на Беополис (Србија) за таа година.

„По ова, во 2023 ќе следи промотивна турнеја низ Македонија, каде што ќе имаме можност од прва рака да слушнеме и разговараме за процесот на креирање на книгата, како и за животот во затвор, ресоцијализацијата после излегувањето, но и за позитивното влијание на направи сам движењето и начинот на размислувње во горните ситуации“, стои во најавата.

Гости на настанот ќе бидат „Кабаре Кабает“, стенд-ап група од Куманово.