Полициски солзавец за француските студенти што блокираа Испитен центар во Париз

Група француски студенти денеска го блокираа Испитниот центар во јужното париско предградие Аркеј, во знак на протест поради измените во државниот универзитетски систем во Франција.

Околу 200 демонстранти формираа „жив ѕид“ околу Центарот, спречувајќи ги другите студенти да влезат во објектот. За разбивање на демонстрантите интервенираше и полицијата, кој при тоа употреби пендреци
и солзавец.

Поради протестот, универзитетската управа ги одложи за денеска закажаните испити. Денешната протестна акција на студентите е во рамки на повеќенеделните протести и штрајкови поради реформите на Владата на францускиот претседател Емануел Макрон.

Студентите се незадоволни од најавените реформи, бидејќи сметаат дека со нив ќе се ограничат можностите за упис на универзитетите.