Полицијата во Белорусија повторно со рации на домови и канцеларии на новинари

Безбедносните сили денеска извршија рација во канцелариите и домовите на неколку независни новинари низ Белорусија, вклучувајќи ги и просториите на „Радио Слободна Европа“ во Минск, јавува „РСЕ“.

Претресите доаѓаат по два дена откако властите извршија упад во канцелариите на десетина организации за човекови права и откако шефот за човекови права на Обединетите нации рече дека неодамнешните потези на белоруските власти се „целосно неприфатливи“.

„Повторно масовен напад на безбедносните сили врз новинарите низ целата земја“, велат од Белоруската асоцијација на новинари, наведувајќи 19 различни претреси извршени врз новинари или нивните семејства.

Полициските службеници извршиле претрес во домовите на дописниците на „РСЕ“, Алех Хрузџдилович и Валантин Жданко.

Хрузџилович и поранешната дописничка на „РСЕ“, Ина Стуџинскаја чија акредитацијата беше поништена во октомври беа уапсени.

„Неговите и моите телефони, сите компјутери и лаптопи беа одземени. Беа деветмина. Ми ги зедоа сите пари, дури и белоруските рубли од мојот џеб. Исто така и тие 300 долари кои ми останаа за да живеам“, рече сопругата на Хрузџилович.

На 14 јули пак, најмалку десетина лица беа приведени во рациите насочени кон најмалку 19 невладини организации во Минск и други градови.

Ваквите акции на белоруските власти насочени кон критичните и независните медиуми и организациите за човекови права доаѓаат по масовните протести кои започнаа во август, минатата година по претседателските избори за кои опозицијата сметаше дека се наместени.