Белорускиот суд осуди четворица новинари на долгогодишни затворски казни

Белорускиот суд осуди четворица новинари на најголемата независна новинска агенција во земјата на долгогодишни затворски казни под обвиненија кои се сметаат за политички мотивирани, пренесува Данас. Четворица новинари на новинската агенција БелаПАН се осудени на затворски казни од 4 до 14 години, а обвиненијата против нив вклучуваат предавство и формирање екстремистички групи, соопшти Белоруското здружение на новинари.

Во август 2021 година, белоруските власти ја забранија БелаПАН која беше основана во 1991 година и опширно ги покриваше повеќемесечните протести откако претседателот Александар Лукашенко го доби шестиот мандат на изборите во 2020 година, кои западот ги прогласи за наместени.

На четворицата новинари, кои повеќе од една година се во притвор им се судеше зад затворени врати во регионалниот суд во Минск.

Андреј Алијаксандрау е осуден на 14 години затвор, додека неговата сопруга Ирина Злобина е осудена на 9 години затвор бидејќи собирала донации за помош на уапсените колеги новинари, за да ги платат казните. Двајцата беа осудени по неколку обвиненија, вклучително и нарушување на јавниот ред и мир и предавство.

Дмитриј Наважилау е осуден на шест години затвор, а главната уредничка на БелаПАН Ирина Леушина доби затворска казна од четири години под обвинение за формирање и водење екстремистичка група.