Белоруска новинарка осудена на повеќе од 8 години затвор поради известување од масовните протести во 2020 година

Белорускиот суд осуди новинарка на повеќе од осум години затвор за известување од масовните протести на опозицијата во 2020 година, јавува „Евроњуз“. Катерина Бахвалова, професионално позната како Катерина Андреева вчера беше прогласена за виновна за „државно предавство“.

На судењето кое се одржа зад затворени врати во градот Гомел, 28-годишната новинарка, која веќе издржува двегодишна затворска казна по претходна пресуда, беше осудена на осум години и три месеци затвор.

За пресудата соопшти полскиот медиум „Белсат“, каде новинарката работи, и други групи за заштита на човековите права во Белорусија.

Андреева беше уапсена во ноември 2020 година додека известуваше од протест против режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Таа беше прогласена за виновна за организирање немири, заедно со новинарката Дарија Чулцова во февруари 2021 година. Ннеколку месеци подоцна, „Белсат“ беше прогласена за „екстремистичка“ организација во Белорусија.