Најсмртоносна година за новинарите во Мексико – досега се убиени 18 лица

За новинарите во Мексико ова е најсмртоносната година, бидејќи досега се убиени 18 новинари, според организацијата за човекови права „Артикл 19“.

Од 18 убиства, во девет случаи досега постои потенцијална поврзаност со нивната работа, изјави регионалниот директор на организацијата Леополдо Малдонадо.

„Оваа, 2022 година, може да биде најлошата година во овој век за новинарите“, рече Малдонадо.

За нешто повеќе од осум месеци, бројот на убиства веќе ги надмина 13-те убиства регистрирани минатата година и 14-те убиства регистрирани во 2020 година.

„Артикл 19“ утврди дека смртните случаи се поврзани со професијата на жртвите во околу половина од случаите во 2021 и 2020 година.

Во меѓувреме, организацијата документирала вкупно 331 напад врз новинари во првата половина од годината, од кои повеќето вклучувале заплашување и вознемирување. Некои новинари добија и закани, додека неколку случаи се однесуваа на наводна злоупотреба на јавните овластувања.