#Поларис: Во пресрет на Dead Space римејкот

Петоков конечно излезе римејкот на Dead Space. За оние кои не се запознаени со Dead Space, ова е серијал на успешни хорор видео игри, со тоа што првиот Dead Space се има појавено во 2008 година, со една своја интересна историја. Dead Space е долгогодишен проект на Глен Скофилд, поранешен претседател на сега, за жал, згаснатата Viscreal Games. Замислата на Viscreal тимот била да создадат видео игра која би била тип на horror survival, односно преживување во една напната и страша средина, каде протагонистот мора да ги искористи сите ресурси (ресурсите се ограничени) кои му се на располагање за да преживее. Иако на стартот како инспирација им послужила легендарната System Shock, сепак визијата на Скофилд и компанија се сменила поради неверојатниот успех на Resident Evil 4 на Capcom, игра чии претходници се очигледно чисти horror survival наслови, меѓутоа за разлика од првите три игри, Resident Evil 4 е игра која прави мешање на хорор со акцијашкиот жанр, каде Леон Кенеди, главниот јунак, кој иако сам се справува со ужасите во едно зафрлено и изолирано шпанско село, сепак има добар избор на оружја, медицински прибори и муниција за да не биде на крајот беспомошна личност. Овој акт на баланс во жанровите бил доволен поттик за Viscreal Games да направат доволно промени во нивната првична формула, па така некаде кон крајот на 2008 година почнаа да го промовираат нивниот прв наслов, Dead Space, хорор видео игра каде ја преземаме улогата на Исак Кларк, стручен инжењер, кој мора да ја испита мистеријата на вселенскиот брод Ишимура кој има испратено сигнал за помош. Покрај тоа што Исак и неговата екипа имаат мисија според правилата, ова е и лична работа за Исак, бидејќи на тој брод се наоѓа и Никол, неговата девојка, која го има испратено сигналот. Можеби неочекувано, но Dead Space остварил одличен успех со оглед на тоа што е од жанрот на хорор игри, а таков тип на игри не влегуваат баш добро во мејнстрим окото. Со одличен успех, како финансиски, така и критички, ова не ја одмина Electronic Arts (тогашниот издавач на Viscreal Games) да даде дополнителна поддршка за идни Dead Space проекти, со тоа што Dead Space има уште две продолженија прокнижани на неговото име. Но, и на тоа ќе останат, бидејќи ЕА како компанија која ја бијат многу непопуларни и сомнителни работи, ја има повлечено сета можна поддршка за Viscreal Games и Глен Скофилд, што значеше згаснување на студиото и распрснување на членовите во други тимови, убивајќи ја секоја можност да се заврши приказната со евентуално четврто продолжение. Иако многумина не можат да ја прежалат оваа разврска, Dead Space е наслов кој покажа и докажа дека во денешно време може да се прават horror survival игри кои, доколку имаат добар квалитет можат да најдат пат кај доволно добра публика, па пред две години ЕА, која ги има правата за Dead Space, го најави римејкот за Dead Space. Римејкот е изработен од Motive Studios, кој го има задржано духот на оригиналот, а со целосно нова графика, одредени измени во начинот на играње и контролирање на Исак, како и други интересни додатоци.

Можеби за повеќето Dead Space се сведува само на трилогијата на игри, но дали сте знаеле дека Dead Space има свој стрип и анимиран филм? Иако ЕА вложила свои пари за нешто што било сосем непознато како име за многу играчи, на крајот истата ЕА која е обвинета за пропаста на Viscreal е истовремено и заслужна за вложување во промоцијата на Dead Space и преку други медиуми, како стрипови, книги и анимација, па така овој текст ќе биде посветен на промотивниот стрип и анимираниот филм.

На прв поглед би помислиле дека Dead Space е нешто што се одвива само на еден брод, каде и нема некоја посебна позадина. Но тоа не е така. Творците на Dead Space се имат добро погрижено да го прошират универзумот во кој ја имаат сместено играта, давајќи го потребниот контекст за многу работи кои од старт ни се конфузни. Па затоа, дознаваме дека во Dead Space, настаните се одвиваат во 24-от век, во време кога планетата Земја е сериозно погодена од недостиг на природни ресурси, па за да не западне во криза, човештвото гледа кон sвездите и преку скапи вселенски програми го освојува непознатото пространство. Приоритет се планети богати со руди и минерали неопходни за технолошки напредок, па така од посебна важност се вселенските бродови од класата на Планетокршачи, кои можат да откорнат добро парче од одредена планета доколку се утврди дека таа планета е богата со ресурси. Во Dead Comics стрипот, дејствието се одвива на планетата Аегис 7, на која веќе се има етаблирано човечка колонија. Состојбата кај луѓето во колонијата е љубопитна до еуфорична – на планетата е пронајден еден џиновски камен објект кој по се изгледа не личи да е создаден по природен пат. Ваквото сознание може да ги шокира луѓето – човечки бродови пловат во вселената над 200 години, а досега не се случил контакт со некаква вонземска цивилизација, или воопшто со вонземски живот. Додека за едни ваквото откритие може да делува неугодно, за други, како на пример, припадниците на црквата на Унитологијата (нова религија на Земјата) е сигурен знак дека вака се обистинува нивната вера, дека човештвото било создадено од вонземјани. Како што наредникот Абрахам Њуман има задача со тим да ја осигури безбедноста на каменот, кој е означен со име Маркер, така од повисоките ешалони на колонијата има лица кои тераат поинаква агенда, сакајќи да го доделат маркерот на црквата на Унитологија. И додека се тера бирократската процедура и се чека бродот кој треба да го подигне маркерот, се случува нешто необично, што ни самиот Том Скјарело, докторот на колонијата, не може да го објасни. Дел по дел, колонистите влегуваат во состојби на паника, анксиозност, делириум и агресивност, добивајќи чудни визии за нешто што треба да ги направи „цели“ или „едно“ со нешто. Со секој одминат ден се зголемува бројот на агресивни напади од луѓе кои немале досие на криминалец, или на ментална пореметеност. И како што Њуман и Скјарело се обидуваат да дознаат дали овие инциденти се поврзани со откривањето на Маркерот, нешто друго се движи во сенките.

Стрипот има вкупно шест броја и сите се дело на Ентони Смит (сценаристот) и Бен Темплсмит (цртачот) кои ја имаа честа да работат на приказна која служи како предпродолжеток на играта. Иако стрипот не е издаван повеќе (правата за тоа се на Image Comics), истиот ни е достапен бесплатно како аудио стрип на Youtube. Ентони и Бен, кои не се дел од тимот на Viscreal, имаат добиено доволно инфрмации, белешки и упатства за да не откријат премногу работи во првата игра, па сме задржани на состојбите на колонијата. Она што најмногу паѓа во очи е секако самиот цртеж, кој е минималистичен – отсуствуваат детални сцени доколку сме навикнати на стрипови каде има многу предмети, случувања и бои. На повеќето страници доминира претежно една боја, а тоа е направено за да се долови доминантноста на чувството на сцената која ја следиме. Па така, сцените со доминантно сива боја, или секоја комбинација на сиво со зелено или други бои е чувството на нелагодност, додека секоја светло-кафена или светло-портокалова комбинација дава чувство на некаква сигурност. Минималистички стил на цртање и боење не е нешто што е примамливо за некои, но тоа е препознатливиот стил на Ентони и Бен, кои не се познато име кај повеќето фанови на деветтата уметност. Но, тие стојат како творците на 30 Days of Night, култен хорор стрип кој доби своја филмска адаптација во 2007 година. Dead Space стрипот нема некоја посебна амбиција и служи само за да се даде подобро објаснување на настаните кои водат кон првиот Dead Space, и ништо нема да изгубите ако се одлучите да одвоите околу 40 минути на Youtube адаптацијата.

Во ред, стрипот е за случувањата на колонијата. Но Маркерот треба да биде земен од одреден брод, нели? Тој брод е Ишимура, од класата Планетокршач. Ако стрипот е првиот дел од предпродолжетокот, тогаш анимираниот филм Dead Space: Downfall е вториот дел, од перспективата на Алис Винтерс, шеф на обезбедувањето на Ишимура. Бродот е во сопственост на црквата на Унитологија, со мисија да го повлече артефактот од Аегис 7 и да го пренесе на Земјата. Иако сите очекуваат рутинска акција на предавање на објектот, екипажот не е подготвен да се соочи со глетката на хаосот настанат на колонијата. Иако кај Алис и останатите лебдат истите прашања за психозата како и кај Њуман и Скјарело, истата ситуација се повторува и на бродот со преземањето на Маркерот. Дали одговорот за овие ситуации треба да се бара кај претставниците на црквата на Унитологија, кои можеби знаат повеќе, а не откриваат? Downfall е солидно анимирано остварување од страна на Film Roman. Филмот добро се поврзува со настаните од стрипот и дава одговори за настаните во Ишимура. Повеќе нагласок се става на акција во оваа адаптација. Ако нешто повпечатливо останува во врска со овој филм, тоа е дека анимацијата повеќе потсетува на еден култен цртан филм кој се емитуваше кај нашите ТВ екрани, а тоа е Chris Colorado, и најверојатно само по тоа се истакнува бидејќи кога се ќе се собере, Downfall не нуди ништо повеќе на хорор-акција формулата. Ако нешто може да дојде како шок, тогаш тоа е фактот дека не сме многу навикнати да гледаме возрасна содржина кај западни анимирани остварувања. Downfall не е првиот западен анимиран филм во поглед на возрасна содржина, но нема многу западни остварувања кои можат да се пофалат во врска со таа тема.

Иако Dead Space е од 2008 година, па приказната е горе-долу позната за оние кои го играле оригиналот и се подготвуваат за римејкот, предпродолженијата не ги препорачувам за оние кои допрва сакаат да ја играат Dead Space. Најголемата слабост кај овие медиуми е во откривањето на премногу работи кои можат да го расипат факторот на страв доколку за првпат навлегувате во овој универзум, па доколку сепак се решите да им дадете шанса на стрипот и Downfall, тогаш најдобро сторете го тоа откако ќе ја завршите играта.

Марјан Болтевски 

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.