#Поларис: Историјата на Evil Dead

Пред неполн месец, Брус Кемпбел, sвездата на холивудските Б-филмови, го најави најновиот Evil Dead игран филм, насловен Evil Dead Rise. После неколку години суша на Evil Dead содржина после откажувањето на серијата Ash vs Evil Dead, конечено добиваме нешто ново од замислата на Сем Раими, само што во овој филм оригиналните ликови и креатори ќе имаат поинаков удел. Еве го трејлерот.

Барем по она што го има во трејлерот, овој филм ветува дека нема да штеди на тензија, напнатост, добри ефекти и грозничави сцени, како наполно сериозен хорор филм. Но, Evil Dead како препознатливо име во филмската хорор сцена има една поинаква историја, па добро е да ги запознаам читателите со потеклото на оваа интересна хорор франшиза. Крајот на 70-тите години од минатиот век го одбележува порастот на блокбастер филмовите пред се благодарение на Star Wars на Џорџ Лукас и Jaws (на нашки Ајкула) на Стивен Спилберг. Па така блокбастер бранот на спектакуларни филмови со висок буџет и заработувачка која ветува нови филмови е нешто кое го гледаме и ден денес. Evil Dead не е нешто зад кое застанале големи имиња. Напротив, Evil Dead, во времето на порастот на блокбастерите е еден мал, скромен проект на едно анонимно лице – Сем Раими. Со скромен буџет под 100.000 долари, Раими снима хорор филм во американската сојузна држава Тенеси, каде приказната се врти околу една група тинејџери која оди на викенд во една изолирана шумска кабина, а во истата кабина се крие мрачна тајна. По малиов опис сигурно на памет ни паѓаат секакви хорор остварувања, кои познати, кои помалку познати кои биле брзо заборавени. Повеќето се токму инспирирани од Evil Dead. Сепак, иднината на Evil Dead како завршен филм со евентуална премиера пред кино салите висела на конец бидејќи Раими немал поддршка од звучни имиња, па иако филмот имал ограничена премиера во мал број кино сали во 1981 година, својата популарност ја имал на Канскиот филмски фестивал во 1982 година, откако проектот на Раими добил помош од холивудскиот продуцент Ирвин Шапиро за да се прикажува баш на еден од најголемите реномирани филмски фестивали. Топлиот прием на фестивалот го дало потребното зелено светло за дистрибуција низ повеќе кино сали во САД, каде Evil Dead има остварено конечна заработувачка од три милиони долари, што е одличен резултат за филм со мал буџет, а како и секој филм со култен статус, овде мора да се даде посебна заслуга и на рентање на филмот преку видео касети. Подоцна ќе добиеме уште два играни филма, насловени Evil Dead 2 и The Army of Darkness кои ќе останат како препознатлив белег на две имиња – Сем Раими, кој го искористува својот талент како режисер, сценарист и продуцент на многу поголеми поректи (Spider-Man трилогијата) и Брус Кемпбел, некрунисаниот актер на холивудската продукција на Б-филмови.

Приказната во првиот Evil Dead е едноставна – Еш Вилијамс (Брус Кемпбел) оди со својата девојка и одбрано друштво за слободниот викенд во една шумска кабина. Кабината иако изгледа мала однадвор, е всушност поголема од внатрешноста, и како таква, крие непожени тајни кои не смеат да се откријат. За жал, тајната многу брзо се открива кога групата ќе најде еден подрум под самата кабина и една книга која има неразбирлив ракопис. Таа книга е сумерската книга на мртвите, а отварањето на книгата значи и ослободување на сили од пеколот. Нормално, како и секој хорор филм, работите тргнуваат низводно штом книгата на мртвите е отворена, па така кабината и околината не сакаат Еш и компанија да си заминат од местото следното утро. Поточно, кабината и околината не сакаат Еш и компанија воопшто да се вратат назад. Првиот Evil Dead е право буџетско остварување и во тоа е неговиот шарм. Ефектите се мешавина на практични ефекти, кукли и стоп-моција, нешто што го има и кај други филмови со визуелни достигнувања од период од пред едно 40 години. Можеби ефектите не се држат денес, но неверојатно е колку добро се применети за времето за кое е снимен, и покрај фактот што Evil Dead е буџетски хорор. Evil Dead е воедно и добар параноичен хорор со оглед на тоа што се се случува само на една локација, каде сите ликови се добро одглумени од актери и актерки кои се непознати во тоа време, но, има има уште една работа која му дава шмек на првиот филм, а тоа е  вметнувањето на комедија во вистински моменти. Хорор и комедија се необичен спој, и да, има филмови каде тоа е премногу евидентно, а е лошо склопено, но Раими има навика да направи точен погодок, да стави шашави моменти на вистинското место, во вистинското време. Е сега, оригиналниот Evil Dead не е потребен доколку сакате да ги гледате и останатите делови од Evil Dead серијалот. Зошто, иако препораките се генерално позитивни? За тоа, главниот виновник лежи во Evil Dead 2.

Evil Dead 2 може да се чини како логичен продолжеток на оригиналот, мислам, секако дека Evil Dead 2 е продолжеток, ја има двојката во самиот наслов. Но Раими имал поинаква желба за вториот дел, а тоа е новиот Evil Dead да биде сместен во европска земја во средниот век, повторно со Брус Кемпбел како Еш Вилијамс. Поради притисок од своите продуценти кои настојувале вториот дел да биде како првиот, така и Evil Dead 2 се случува во една шумска кабина изолирана од цивилизацијата, каде Еш се одмара со девојка му. Во кабината Еш ја наоѓа сумерската книга на мртвите и аудио дневник на еден археолог кој го колне денот кога ја пронашол оваа мистериозна книга. Иако стојат предупредувањата на археологот, љубопитноста на Еш е посилна од се, па отварајќи ја книгата, силите на пеколот се поканети да прават ршум во кабината. Ова звучи на веќе видено, нели? Затоа на Evil Dead 2 повеќе му одговара да биде римејк, и нема да згрешите ако од овде почнете. Има очигледни разлики, како и работи кои остануваат суштински дел од Evil Dead. Првата очигледност е во подобри ефекти во поглед на маски, аниматроникс, кукли и стоп-моција, нормално, со оглед на времето во кое филмот е прикажан. Втората очигледност е во тоа што Брус Кемпбел е главната „фаца“. Ако во оригиналот може да се каже дека никој не е безбеден до самиот крај, во Evil Dead 2 Брус, односно Еш е главниот херој во бробата против демоните и злобните мртовци. Првата половина на филмот е чиста борба за преживување, но во втората, ликот на Еш полека се менува во оној на посамоуверен борец против се што книгата на мртвите му фрла. Evil Dead 2 е повеќе потребен како римејк и поради друга цел – воспоставување на темелите за нов Evil Dead, па така, очекуваниот продолжеток кој го носи насловот The Army of Darkness ја доби својата премиера во 1992 година. За разлика од двојката/римејкот, Army of Darkness влегува во едни поинакви води. Наместо хорор, овој филм е повеќе акциона авантура со добри примеси на комедија, каде Еш Вилијамс, откако ќе го победи злото во кабината кон крајот на Evil Dead 2, ќе биде транспортиран во 12-от век, во една непозната европска земја, каде војници и витези водат очајничка борба со демонските сили. Ова е веќе драстична промена, па наместо лична борба за преживување имаме приказна со епски размер, бело против црно и конечна пресметка на доброто против злото. Еш, кој е во непознатиот свет (не по свој избор) овојпат ќе бара начин како да се врати во своето време, а единствениот начин за да го стори тоа е повторно да се соочи со книгата на мртвите, која е од непроценлива важност на мрачните сили. Овде слободно може да се заборави на постоење на страшни сцени и моменти на уплав, но она што може да се примети е конечната промена кај Еш, човек кој има изгубено многу во оваа сага, кој наместо да бега, конечно се исправува пред предизвикот и со своето доверливо друштво кое го сочинуваат сачмарка со два барела и моторна пила, ја прифаќа својата судбина на борец.

Наше право е дали промени во некој римејк се подобри или полоши од она што го нуди оригиналот, но суштината на оригиналот, во случајот со Evil Dead е секогаш тука – сите невољи започнуваат од една необична книга во едно мало место, со лик кој е во постојана борба, што за својот живот, што за животот на другите со повремените комични олеснувања. Овој месец април Раими и Кемпбел повторно ќе се здружат за да му зададат нов удар на злото, само што тие нема да бидат режисерско-актерскиот тандем, туку ќе имаат повеќе улога на советници за новиот тим кој го прави Evil Dead Rise. Како ќе се покаже ова остварување, останува да видиме, а во меѓувреме можеме да се потсетиме на материјалот кој е инспирација за многу медиуми веќе 40 години.

Марјан Болтевски 

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.