#Поларис: Двете лица на Паркот Јура

Ако има нешто што го привлекува вниманието на децата во изминативе, еве, триесетина години, тогаш тоа со сигурност се диносаурусите. Формите на овие исчезнати џиновски тераподи кои се истребени од пред 60 милиони години поради комбинираните фактори на силни метеорски дождови и климатски промени ги има на детски маички, ги има како играчки, ги има во видео игри, ги има кутии за житарки, ги има во друштвени игри, ги има и во цртани филмови, играни филмови итн. Порано, имаше и богата наградна игра на ресенски Агроплод ако се решите да собирате албум со самолепливи сликички од Jurrasic Park.

Не може да се даде лесно објаснување зошто децата сакаат диносауруси, но може имаат поинаква фасцинација кон нив отколку што возрасните имаат. Ако децата сакаат тераподи поради нивната атрактивност како џиновски суштества кои некогаш владееле на копното, воздухот и во морињата, тогаш повозрасната публика повеќе е заинтересирана за нивниот начин на живот, нивните навики, претпоставките за многу аспекти на нивните животи кои се менуваат со нови објавени научни трудови, мистериите кои со себе ги носи секоја новооткопана коска која му припаѓала на некој птеродактил или брахиосаурус. Ако има некој медиум кој досега ги има прикажано диносауруси во нивното „највистинско“ светло, тогаш престолот и повеќе од заслужено му припаѓа на Паркот Јура (Jurrasic Park), монументален филм на неповторливиот Стивен Спилберг.

Нема посебна потреба да направам претставување на овој тип, но за понеупатените, името на Спилберг стои на режисерскиот подиум на филмови како Индијана Џоунс (Indiana Jones), Ајкула (Jaws), Шиндлеровата листа (Shindler’s List), Малцински извештај (Minority Report) итн. Тој е дел од генерацијата која ја има отворено вратата на филмската публика за таканаречените блокбастер филмови и е добар пријател на Џорџ Лукас за кого пишував во мојот последен текст. Овој текст ќе биде наменет баш за паркот на диносаурусите, но само за укажување на драстични разлики помеѓу нивните медиуми.

Паркот Јура е првиот блокбастер филм со надминат рекорд од фамозната граница на една милијарда долари со буџет од 60 милиони долари. Ако го гледате денес ќе помислите дека филмови е снимен пред година дена, но премиерата датира од 1993 година. Филмот зрачи со неверојатна авантуристичка аура, но тоа не нѐ  изненадува кога ќе погледнеме кој се стои на соодветната позиција за реализација на овој филм. Спилберг добро ја има држено традицијата на авантуристички блокбастер режисер, учејќи од искуството кога има работено со Лукас на Индијана Џоунс, сакајќи да направи нешто подостапно за просечното семејство, кое му е примарната публика. Џон Вилијамс кој повеќе од 50 години создавал композиции исполнети со оптимизам, елан и позитивна енергија се има погрижено во создавањето на саундтракот, додека за остатокот на филмската магија се има погрижено студиото за специјални ефекти на Стен Винстон. Ова последново е пресудно за грациозноста на филмот кој старее како добро вино бидејќи тимот на Стен Винстон со примената на можеби 70% практични ефекти и механички кукли и 30% компјутерски ефекти го има направено потребниот склоп на веродостојност за тераподите дa изгледаат што е можно поживо на големиот екран.

Но, ова не е мое детално навлекување во филмот, туку пред сѐ  е споредба на филмот за она што го нема неговото исто внимание – романот од кој е адаптиран. Без претерување, романот со истото име станал бестселер, но со годините филмот испаднал како подобар од двете верзии во поглед на популарност. Мајкл Крајтон е писателот на Паркот Јура, а воедно и неколку други книги добиле соодветна адаптација во неговиот златен период на 90-тите години од минатиот век, како Сфера (Sphere) и Тринаесеттиот воин (The Thirtheenth Warrior). Крајтон го добил својот докторат на Медицинскиот универзитет на Харвард, но не сакал да ја продолжи својата кариера како доктор. Сепак знаењето го искористил за да ги истражува можностите за нешто што не се дискутира многу во денешно време, иако имало период кога темата била и повеќе од актуелна. Во овој случај зборот ми е за клонирањето. Поедноставено, клонирањето е начин да се создаде нов организам кој генетски ќе биде ист со организмот од кој потекнува.

Настаните во Паркот Јура се одвиваат на островот Нублар, во рамките на територијата на државата Коста Рика. Овој остров е откупен од американската компанија „Ин Џен“ која е специјализирана за генетски истражувања и развој. Приодот е затворен за секого освен за оние со пропусница од компанијата. Островот веќе некое време е место за одгледување на диносауруси. Иако ги сметаме за истребени пред повеќе од 60 милиони години, „Ин Џен“ користи метод на клонирање со извлекување на ДНК материјали на диносауруси кои се наоѓале во телата на предисториските комарци кои биле затворени во килибар. Со искористување на ДНК на жаби за да се направи поврзување на испрекинати кодови во ДНК материјалот, „Ин Џен“ го прави незамисливото – ги враќа диносаурусите во живот и тоа во време кое не е нивно. Ова е намерата на Џон Хамонд, директорот на компанијата, доволно богат кој сакал да ја оствари својата желба од младоста да види диносауруси во живо, и не само тоа, туку и да изгради парк кој масовно ќе привлекува посетители. Паркот, се уште неотворен се соочува со проблеми – велосираптор има нападнато и смртно рането еден од чуварите на паркот, а одборот на директори бара безбедносни гаранции за идната инвестиција. По тој повод, по покана на Хамонд , на остворот доаѓаат доктор Алан Грант (палеонтолог), доктор Ели Сатлер (палеобиолог) и доктор Ијан Малколм (физичар и теоретичар за хаосот како феномен) кои треба да го дадат своето мислење за островот и неговите старо-нови жители.

И додека филмот е третиран како летна авантура со повремени страшни моменти и има колку толку поблаг тон во однос на насилство, книгата е сосем поинаква територија. Уште на самиот почеток се запознаваме со ужасите кои со себе можат да ги донесат тераподите. Локалните костарикански болници примаат пациент со фатална повреда која може да се препише на непознато животно, мали гуштери кои одат на две нозе се однесуваат агресивно кон случајни минувачи, додека во детските болници е зачестен бројот на смртни случаи кои се заведуваат како природни причини за смрт. Овие настани се заташкувани по наредба на Џон Хамонд. И овде доаѓа најголемиот шок, начинот на кој се третирани одредени ликови. Ако Ричард Атенбороу (актерот кој го глуми Џон Хамонд) давал детска наивност и ентузијазам за иднината на паркот во филмската верзија, Хамонд во книгата е целосна спротивност, занемарувајќи ги извештаите за евентуалните ризици, подмитувајќи ги властите за покривање на инцидентите и туркајќи ја сопствената агенда за отворање на првиот парк на диносаурите. Овој проект не е поттикнат како желба на неговата филмска верзија да си го оствари стариот сон, туку поради нешто што не нѐ  изненадува – паричниот профит. Ако филмот ги опишува диносаурусите како само поголеми суштества кои полека го наоѓаат своето место во еко-системот на нашиот свет, во книгата се доведуваме себеси да се замислиме – колку ни се туѓи диносаурусите и дали имаме премногу погрешни мислења за нив? Затоа романот е подрастичен во разликите со филмот – романот е во својата срж, хорор книга за нашето соочување со туѓ и непознат животински свет, каде и покрај нашата технолошка супериорност, сфаќаме дека сме извесен плен за суштествата на кои повторно сме им дале живот.

И ова е предупредувањето на доктор Малколм – имаме заглавено во едно непознато пространство бидејќи немаме граници кои треба и мора да си ги поставиме за наше добро, па да не се обидуваме да го контролираме животот што сме го креирале, бидејќи на крајот, животот ќе најде свој пат надвор од ограничувањата кои сакаме да му ги наметнеме.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.