#Поларис: Инспирациите на Star Wars

Не се сеќавам најдобро, можеби бев четврто или петтоодделенец, но како дете со цело семејство ја посетивме баба ми во Велес. Едно време останав сам во дневната просторија, но телевизорот беше вклучен и ставен на третиот канал на Македонската телевизија. Во тој период на програмата одеше еден филм каде еден млад херој со своето друштво влегува во еден огромен вселенски брод кој личи на месечина, каде се судираат со група на војници во бели беспрекорни униформи и каде на екранот свое заканувачко и мрачно присуство имаше еден човек целосно облечен во црно како мавта умешно со црвен енергетски меч. Тој ден даваа маратон на Star Wars, значи ги даваа без прекин сите три епизоди од оригиналната трилогија, а јас останав прикован пред екранот за да гледам понатаму како херојот, кој се вика Лук Скајвокер, ја уништува вештачката месечина која може да уништи една планета со само еден ласерски зрак, како лошите момци ги победуваат добрите на една ледена планета, како нашиот херој мора да тренира за да стане џедај со помошта на Јода, неговиот учител, како човекот во црно, кој се нарекува себеси Дарт Вејдер му открива на херојот дека му е татко, и како во последната приказна Лук со неговата дружина и бунтовниците го задаваат финалниот удар на Империјата уништувајќи го императорот, а во процесот лошиот Дарт Вејдер се покајува за својата улога како одметната појава во оваа сага, гледајќи го својот син за прв и последен пат без роботската маска. Така помина моето запознавање со Војната на sвездите (Star Wars) франшизата на Џорџ Лукас, со можеби најголемата популарност од сите можни франшизи кои можеме да ги наброиме. Од годината на премиерата на Нова надеж (A New Hope) имаме добиено девет играни филмови, неколку играни серии, неколку цртани серии, голем број на стрипови, книги, видео игри, па и друштвени игри. Во процесот имаме добиено дури и Шекспирово прераскажување, а не е секојдневно нешто да добива таква верзија. Иако има многу фактори кои му се припишуваат на Лукас за успехот, како комерцијален така и критички, овде би сакал да одвојам простор за инспирациите (можно е да изоставам некој дел) кои влијаеле во креативниот и творечкиот процес на Џорџ Лукас. Се што е создадено од нашиот ум и раце е последица на инспирација која ја имаме стекнато од создаденото на некој друг.

Најдоброто место за старт? Флеш Гордон. Ова е стрип кој излегува од 1934 и е авторско дело на Алекс Рејмонд. Флеш Гордон е приказна за Флеш Гордон, главниот херој, кој заедно со својата девојка Дејл и научникот Ханс Зарков патуваат со ракета до планетата Монго. Монго е на пат за да се судри со планетата Земја, и останува на оваа необична екипа да ги истражи мистериите на непознатиот свет. На Монго ги пречекува кралот Минг, безмилосен и суров владетел на сите жители и раси на Монго кој сака да завладее и со нашиот свет. Планот на Минг делува совршено на површина, но има една маана – Минг ја заробува девојката на Флеш, нешто што го разгневува нашиот јунак, а неговата аура е толку голема што ги привлекува поданиците на Монго да се борат на негова страна против тиранинот Минг. Едно време имавме и во Македонија преведени стрипови кои се појавуваа во фанзини од типот на Илустрована Политика, а воедно македонските канали ги емитуваа и цртаните филмови, како и играниот филм од 1980 година кој беше спектакуларен, но забавен крш. Последниве години се шпекулира дека Флеш Гордон би можел да се врати пред големото платно, за потоа да се појави информација дека ќе биде подобар како ТВ серија. За жал, нема конечна потврда што би можело да се случи со правата на овој стрип јунак, па затоа можеме да се задоволиме само со претходните адаптации. За да се надоврзам на инспирацијата, Флеш Гордон не е оригинално дело на Алекс Рејмонд, туку напротив, Флеш е видно инспириран од стрип серијалот Бак Роџерс во 25-от век на Филип Францис Ноулан, додека Бак Роџерс како лик е обликуван од Џон Картер на Марс, книжевниот серијал на Едгар Рајс Бароуз.

Вториот извор на инспирација е со сигурност нешто на кое не верувам дека сте го очекувале – авантуристични класични романи. Но, тоа нека не ве изненадува. Немојте да верувате дека до пред 100 години светската литературна публика читала само романи кои се предмет на изучување на факултети за книжевност. И во 18ти и 19ти век имало, еве да кажам, блокбастер романи. Блокбастер е збор наменет за филмови кои се прикажуваат во летниот период, имаат лесна приказна, исполнети се со акција и добра динамика пред се за да стекнат одлична заработувачка на кино благајните. А Star Wars го има започнато трендот со блокбастери кои ги имаме секое лето до денес, само што оваа година блокбастерите не се држат добро од финансиски аспект. Па така, романи со авантуристичка природа од типот на пирати кои трагаат по изгубено богатство, храбра дружина која се бори за сиромашните и немоќните против угнетувачите или витези кои спасуваат принцези во замокот на душманите имаат направено големо влијание врз правецот на научно фантазиската и научно фантастичната литература. За секоја верзија на Џон Картер имаме Остров на загубаното богатство, за секој Флеш Гордон имаме Тројцата мускетари.

Ако има нешто што има површна поврзаност со Војна на sвездите, но не премногу копирано за да се смета за плагијат, тогаш Дина е следниот логичен избор. Дина е романот на Френк Херберт, заслужено нарекуван „Библијата на научната фантастика“ и за да пишувам за неверојатниот универзум на Херберт ќе ми требаат најмалку десет текстови, но во кратки црти, дејствието во Дина се одвива на планетата Аракис, пустинска планета, извор на зачинот меланж кој е многу важен за опстанокот и напредокот на човечката империја. За контролата на Аракис се борат различни фракции, од кои најистакнати се куќите на Атреидите, Харконените и царската куќа Корино. На Аракис свое присуство имаат и Слободниците, домородните жители на оваа песочна планета, а онаа страна која ќе ја придобие нивната наклонетост ќе има сериозна предност во затскриената политичка борба. Ако постои доказ дека Лукас позајмувал работи од Дина, тогаш најсигурен доказ е планетата Татуин, првата планета која се појавува во Војната на sвездите. После тоа, тешко може да се најде некаква пооопиплива поврзаност и поради тоа муабетот дека Дина е само Star Wars за возрасни е повеќе шега отколку тема за сериозна дискусија, но во корист на евентуална дебата – Star Wars е пред се авантуристичка приказна со лесно сварлива приказна за која Лукас не бара да се претвори во нешто повеќе, додека Дина од друга страна вклучува дебата за политика, теологија, духовност, екологија, филозофија, наука и суеверие како фокус во својата приказна. Па ако Star Wars е авантура од почеток до крај, тогаш Дина е драма за нашата иднина од почеток до крај.

Крајот го препуштам за нешто што не е изненадување за добар дел на фановите на Star Wars, а тоа е фактот дека Лукас добил голема инспирација од филмовите на Акира Куросава. Куросава има оставено голем белег на филмската сцена, речиси сите негови филмови се влезени во Criterion колекцијата на филмско богатство, ставајќи ја повоена Јапонија на мапата на светската кинематографија. Најистакнатите наслови му се секако Седумте самураи и Рашомон, но два филма кои не се помалку значајни направиле свое влијание врз западниот филмски свет – Yojimbo (Телохранител) од кој е направен римејк насловен За грст долари (A Fistful of Dollars) отварајќи го патот на шпагети вестерните и Hidden Fortress (Скриената тврдина), која била пресудна за тоа како Лукас ќе ја структуира приказната за својата вселенска опера. Во Скирената тврдина ја следиме приказната на Тахеи и Маташичи (Арту Диту и Си Трипио), кои одат во пуста земја (Татуин), привремено се заробени и ослободени каде подоцна се придружуваат на Рокурота Макабе (Оби Ван Кеноби) и принцезата Јуки (Леа Органа) кои треба да поминат низ непријателска територија (Империјата) за да се придружат со силите на принцезата (бунтовниците). Лукас бил до толкава мера воодушевен од талентот кој го пренесувал Куросава на големото платно, што покрај приказната, и други елементи биле искористени во создавањето на неговата незаборавна сага, како фактот дека костимот на Вејдер и маската се преземени од воените маски и оклопи на самураите. Воедно, Лукас посакувал Тоширо Мифуне, главниот актер во повеќето филмови на Куросава да застане зад маската на Вејдер, но Мифуне го одбил, по што конечниот избор се сведол на Дејвид Праузер. Ако ве интересира повеќе да научите за поврзаноста на Куросава и Лукас, овде имае интересно видео за нивната историја.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.