#Поларис: Блејм!

Во првиот текст посветив внимание на Гибсоновиот роман Неуромансер и поконкретно сајберпанкот, поджанр на научната фантастика кој се однесува на високиот технолошки развој во дистописки држави, голем број на политички заговори и заткулисни игри зад секој можен агол и често поставуваните прашања за врските човек – машина. Но како би изгледал сајберпанкот ако некој го презеде мотото на „висока технологија – низок стандард” и го постави во еден неконвенционален свет? Би изгледал како нешто излезено од јапонскиот стрип Blame на авторот Цутому Нихеи. Нихеи дебитира на манга сцената со Biomega, серијал исполнет со многу акција, малку дијалог, одлична атмосфера, добар цртеж исполнет со многу вчудоневидувачки детали и интересен моторџија. Во 1998 година се прославува со Blame, која ја сметам за сајберпанк верзијата на Алиса во земјата на чудата. Ако има можност да ја опфатам Blame во една реченица, тогаш тоа би било како да следите приказна раскажана во книга, а да се доживува како видео игра кој некој ја игра додека вие трпеливо го следите секој потег.

Еден млад човек патува со дете во еден огромен метален лавиринт. На крајот од лавиринтот има мост. На мостот се нападнати од силиконски суштества кои ловат случајни минувачи поради нивните клетки. Детето е убиено, а другиот сопатник ги уништува напаѓачите со неговиот Гравитациски зрачен емитер (GBE), пиштол со моќ да пробие било каква површина. Почетните неколку поглавја се збунувачки бидејќи немаме претстава што точно се случува. Се’ што знаеме е дека човекот се вика Кили (по условувањето на детето пред неговата смрт), тој талка од еден до друг непознат крај и често влегува во судар со познати и непознати суштества. Сепак, кога ќе дојде во град каде живеат џиновски луѓе добиваме одговор на некои мистерии – Кили е во потрага по Net Terminal Genes, генетски маркер кој го имаат оригиналните луѓе (ние), кои го отвораат пристапот до компјутерскиот терминал на Мегаструктурата позната како Град и се воедно клучот за запирањето на хаотичното ширење на Мегаструктурата од страната на Градителите. Премногу згуснат опис од моја страна со многу работи за соџвакување од моја страна, па следниов дел ќе разјасни многу работи. Ако одиме хронолошки, во еден период на Земјата човештвото креира еден многу комплексен компјутерски систем наречен Нетсфера кој раководи со машини наречени Градители, нивната задача е да градат огромни зданија кои ги знаеме како Мегаструктурата која е поделена на катови како кај зграда. Поради некоја непозната причина луѓето ја губат контролата врз Нетсферата и таа продолжува да ја врши својата работа ширејќи ја Мегаструктурата без престанок. Ова ширење предизвикува човештвото постепено да се преселува во катовите на Градот, најверојатно предизвикано поради црпењето на сите можни ресурси на Земјата од Нетсферата наменето за нови градби. Човештвото со тек на време се еволуира и адаптира за живот во свет на силиконска материја, метал и електроника, делејќи се на различни видови – едни еволуирале во тоа да бидат високи, други да бидат поиздржливи на физички повреди и радиоактивни зрачења, трети стануваат инсектоиди губејќи човечка самосвест, функционирајќи како заедница на пчели итн.   Ова е светот во кој талка Кили, кој добро знае дека Нетсферата нема да престане со проширувањето се додека не биде исклучена од некој кој го има генетскиот маркер на оригиналните луѓе. Но наоѓањето на таков маркер е невозможна мисија – оригиналните луѓе одамна се мртви, повеќето заедници каде Кили наминал немаат евиденција за некој жител со таков маркер, а и да го најде му претстои уште поголем товар – да го пронајде терминалот на Нетсферата, кој би можел да се наоѓа на било кое место во Мегаструктурата. Сепак тој не се откажува така лесно, знаејќи дека во потрагата се вклучени и други, поопасни ентитети од него.

Она што е највпечатливо за Blame е самиот свет. Иако многу сај фај фанови се навикнати на сајберпанк темите од филмови и серии како Ghost In The Shell, Psycho Pass, Akira, Johnny Mnemonic, Robocop итн за дистописки градови, огромен јаз помеѓу сиромашните и богатите и контролите на приватните корпорации врз државните институции, Нихеи се решава да го однесе сајберпанкот надвор од својата „комфор зона“, поаѓајќи од идејата дека постои неограничен потенцијал да се искористат идеите од овој поджанр на начин кој досега не бил искористен. Градот во Blame не знае за граници. Мегаструктурата не само што ја има опфатено Земјата туку и се шири кон другите планети на Сончевиот систем, асимилирајќи ги Месечината и Марс. Никој не знае колкава е големината на Градот, ни колку катови содржи. Има евиденции од разни човечки цивилизации за бројот на човечките и трансчовечките раси, но таа евиденција е некомплетна со оглед на тоа што многу малку од просторот е истражен. Секој кат е посебен свет – во некои катови важат посебни закони на физиката, некои катови се своевидни временски капсули во кои ако заглавиш, престојот од неколку минути значи дека поминале неколку години во надворешниот свет, некои катови се празни со антигравитационо поле, но се премногу големи и за да стигнеш на следниот кат потребно е да поминеш дистанца долга најмалку 100 000 километри, а некои катови во себе содржат необична фауна на вештачки sверови и џиновски бубачки. Секој кат е едно бизарно изненадување за Кили кој најдобро знае дека и засолништата кои ги нудат човечките заедници претставуваат лажна сигурност. Недовербата е неговиот најголем сојузник. Дијалозите во Blame се сведени на минимум. Нарацијата е препуштена на сликите. Наместо да се опише дека пиштолот на Кили е моќен, Нихеи на неколку страници визуелно раскажува колкава е моќта на Гравитацискиот емитер. Наместо да стои опис „Мегаструктурата е огромна и мрачна“ Нихеи прикажува како Кили талка низ лавиринт или под темни неба со месеци, а одвреме навреме тишината е прекината со бучавата на машините или звукот на експлозии. Да се каже дека цртежот ја надополнува приказната е неточно бидејќи токму цртежот е клучен во спроведувањето на приказната. Затоа добро е да се посвети внимание на дејствата на ликовите и деталите на некои места бидејќи постои добра шанса да се пропушти битен дел од приказната. Самиот цртеж е и повеќе од импресивен. Лавиринти од ескалатори, метални кули-игли, машински блокови кои ја менуваат својата местоположба, комплекс згради „закачени“ наопаку се само дел од величествените и бизарни зданија во Blame. Со оглед на тоа што Нихеи студирал архитектура не е изненадување што многу често сретнуваме интересни градби во текот на целата серија.

Секако од приказната не можам да ја изоставам и акцијата. Само чиста, јасна акција проследена со разорната моќ на Гравитацискиот емитер на Кили секогаш кога на патот ќе му се испречат силиконски суштества, полициски авторитети од организираните заедници или нешто сосем трето. Ретко кој стрип може истовремено да понуди интензивна акција, неверојатна уметност и ментална гимнастика во обид да се склопат делчињата од сложувалката која ни ја приредил Нихеи. Иако содржи многу малку дијалог, а ликовите не се добро разработени поради тоа што се постојано на „пруга“, Blame е мало освежување кое отстапува од многу клишеа во соодветните области на научната фантастика и стрипот.

Марјан Болтевски

Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.