„Покрај езерото“ – нов роман на Благоја Иванов

Во издание на „Везилка 2011“ излезе од печат романот „Покрај езерото“, најново дело на писателот Благоја Иванов.

„Станува збор за роман сиот нурнат во нашата стварност, во кој детално се скенирани сите бранувања во животот на главниот јунак, но и оние, со посилен налет – бранувања во општеството и времето кое го живееме. Всушност станува збор за болно соочување со тревожноста на стварноста во која се испревртени сите вредности, во која се растура, распаѓа животот“, соопшти издавачот.

Ристо Лазаров во поговорот наведува дека романот на Иванов ги допира сите прашања на живејачката, ги открива најсуштествените пластови на една временска отсечка од речиси седумдесет години.

Благоја Иванов е меѓу најзначајните автори на втората генерација современи македонски писатели. Зад себе има богат и разновиден опус како раскажувач, романисер, есеист и драмски автор.