Битолската иницијатива Поинаку, чија претставничка Габриела Илиевска стана и претседавач на градскиот Совет, соопшти дека проблемот со бездомните животни во Битола ќе се решава институционално.
Илиевска заедно со сo градоначалникот Тони Коњановски, директорката на ЈП „Комуналец“ Гордана Наумовска, претставник од Агенцијата за храна и ветеринарство, претставници од Фондацијата Бибевски, здруженија за заштита на животните, ветеринари одржале состанок, на кој акцентот бил ставен на решавањето на проблемот со бездомните животни.
„Предвидени се средства за подготовка на проектна документација за решавање на проблемот со бездомните животни. Продолжуваме со заедничка соработка, само така можеме да ги решаваме проблемите и да ги заштитиме животните. Ќе ги интензивираме работните средби, по што јавноста ќе биде информирана и за следните активности“, информираат од граѓанската иницијатива.
За да се реши проблемот, велат тие, најпрво треба да се започне со примена на стратегија за масовна стерилизација, како и да се воведе одговорно сопствеништво на миленици и контролирана трговија со истите.
Исто така, спроведување на кампања за заштита на животни, ограничување и контрола на слободната продажба на високотоксични материи, кои се злоупотребуваат за труење на животни, но и поголем инспекциски надзор низ градот во откривањето на мачење на животни.