Поинаку: Редовно се поплавени улиците во Битола, потребно е формирање посебни екипи

Граѓанската иницијатива Поинаку, која има своја советници во Советот во Битола, достави барања за итно постпапување до КЈП Нискоградба Битола поради, како што велат, нерешените проблеми со кои се соочуваат битолчани подолг период и непостапувањето на надлежните.

„Редовна слика – поплавени улици во Битола по летните дождови во изминатите неколку денови. Со оглед на тоа дека станува збор за постоечки проблем за кој не сте презеле никаква активност за да го превенирате, а согласно законските и статутарните обврски е во Ваша надлежност“, се вели во барањето на советниците Габриела Илиевска, Иван Чулакоски и Алмир Адемоски.

Поинаку итно и без одлагање бара раководните лица на КЈП Нискоградба Битола во рок од 3 дена да донесат одлука за формирање на посебни екипи за редовно чистење и одржување на шахтите низ градот, како и за проценка на нивното ниво на собирен капацитет и пропусност.

„Во следните 3 дена КЈП Нискоградба да започне со чистење на коритото на реката Драгор, за кое се одобрени финансиски средства од Буџетот на Општина Битола. Исто така бараме во истиот рок КЈП Нискоградба да започне со градежните работи на локацијата предвидена за Нов градски парк во нова Битола, за што исто така се обезбедени финансиски средства од Буџетот на Општина Битола“, стои во барањето.

Од Поинаку информираат дека барањето е доставено и до Управниот и Надзорниот одбор на КЈП Нискоградба Битола, од кои барааат да го следат постапувањето по горенаведеното и да достават Извештај до Советот на Општина Битола (од каде се членовите избрани ) за динамиката на спроведувањето.

„Доколку барањата не бидат исполнети, без одлагање ќе предложиме до Советот на Општина Битола разрешување на сите актуелни членови на Управниот и Надзорниот одбор на КЈП Нискоградба, како и разрешување на директорот од страна на градоначалникот, за што ќе поведеме и постапка за нивна одговорност и пред други надлежни институции“, велат од Поинаку.

Од таму напоменуваат дека горенаведеното го побарале од директорот на KЈП Нискоградба повеќе пати, меѓутоа, велат тие, очигледно е дека потребите на битолчани не се сфатени сериозно.