[Фото] „Поинаку“ со донација-решение за течењето на камионите за собирање отпад

Иницијативата „Поинаку“ од Битола со донација-решение за течењето на камионите за собирање на отпад на ЈП „Комуналец“-Битола. Решението е едноставно и за истото не е потребна голема финансиска инвестиција, велат тие, а притоа се решава децениски проблем.

„Неколку години се молиме со директорите на ‘Комуналец’ да се најди чаре за камионите шо течат. Снимавме,  сликавме и повеќе пати посочивме на кој начин можи да се реши ова ама… ЏАБЕ.  Од лани единствено криви за течењето на камионите се Чулако и Поинаку. Еве да знаат битолчани дека решението кое го понудивме и не беше прифатено од директорите, решивме сами да го напрајме, на наш трошок за помалку од 10 дена“, соопштуваат од „Поинаку“.

Од таму посочуваат дека се работи за идеја и скица на Иван Чулакоски. Изработката е на битолски мајстор, транспортот до „Комуналец“ – Чулакоски, Адемоски и Тасевски, заварувањето на мајсторите од „Комуналец“, а тестирањето – „Поинаку“. Ден на монтажа – сабота, неработен ден.

Се работи за „Корито“, кое „Поинаку“ потенцира дека е заварено на шасијата на камионот кое ќе ги собира отпадните течности и има чеп од кој подоцна може да се празни.

„Ова е само пример на еден од камионите и истото или слично  треба и мора да се направи на сите камиони од ‘Комуналец’. Со оглед на тоа дека ја имаат целата потребна поддршка, очекуваме дека јавното претпријатие ќе ги среди и другите камиони. Денес наидовме на соработка кај вработените во Комуналец, се надеваме дека истата ќе продолжи до конечно решавање на овој, но и на останати проблеми во градот“, велат од „Поинаку“.