Медитеранот е најзагрозената област на светот од пластичниот отпад

На презентацијата на Европски климатски пакт, која е нова иницијатива на Европската комисија (ЕК), експертите предупредија дека Медитеранот е сè уште најзазгрозената област во светот кога станува збор за пластичниот отпад, но и дека се поголем проблем е „огромната потрошувачка“ на вода во пластични шишиња, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Експертите со години предупредуваат дека Медитеранот е најзагрозената област во светот од пластичниот отпад. Според извештајот на Светската организација за заштита на природата (ВВФ), 55% од пластичниот отпад во светот е акумулиран во Медитеранот, а со лошото управување со отпад и масовниот, стихиски туризам без адекватна инфраструктура, се поголем е проблемот и поголема потрошувачката на пластичната амбалажа, особено на флашираната вода.

Иницијативата Европски климатски пакт ја покрена ЕК во 27 земји-членки на Европската Унија со цел да се подигне свеста за проблемот со климатските промени и да се поттикне заедничко делување.

Експертите велат дека само синергијата на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор може да обезбеди да се случат промени и дека секоја индивидуа може да го намали негативното влијание врз природата.

На панелот беа споменати и резултатите од неодамна спроведената студија меѓу младите луѓе во ЕУ, што покажува дека иако 78% од нив се загрижени за климатските промени, огромно мнозинство од 90% сè уште не се подготвени да се откажат од разни погодности за да ги намалат нивните штетни влијание врз животната средина.