[Подкаст] Фестивал за јапонска култура „Нихон-Џи“: Прифаќање на технологијата без предрасуди

Јапонија е земја на неонот, светлечките реклами, постојаната гужва измешана со звуци од висока технологија. Кога мислиме на Јапонија мислиме на дисциплина и точност, одговорнот и перфекционизам. Се среќаваме со тоалетни школки кои зборуваат, брзи возови кои не доцнат ни секунда, весели квартови со анимирани ликови, дронови кои вршат достави…

Но, за тимот на Japan@mk сето тоа е незабележително и природно споено со расцветани дрвја, храмови стари илјадници години, спори и тивки традиционални филозофии и начини на однесувања, што исцртува уникатна слика на една скоро вонземска култура.

„Тоа е слика која предизвикува восхит и вчудоневиденост помешана со надеж за високоразвиено човештво, кое може да функционира“, велат од Japan@mk.

Оттука, дечките од Japan@mk затоа пак годинава решија да го тераат Фестивалот за јапонска култура „Нихон-Џи“. Настанот на 27 мај во „Мала Станица“ ќе проба да ги пренесе сите тие вредности и принципи, за да доближи различни сегменти од јапонското општество.

„Програмата ќе содржи уметност, музика, мода, театар, филм/аниме, трибини, гејминг и работилници, а ќе имате шанса да вкусите јапонска храна и пиење и да си купите јапонско инспириран сувенир или манга стрип“, потенцираат од Japan@mk.

Во подкастот „Заедничарење“, Билјана Кочоска од организацискиот тим потврдува дека фестивалот и годинава оди по принципот „од заедницата за заедницата“.

Japan@mk e неформална организација, па се споиле со Здружението „3.14 Брокули”, кои излегле во пресрет за да се направи сметка за донации преку краудфандинг сервисот ecrowd.mk. Секој може да вложи барем по 100 денари за фестивалот, поентата е луѓето да учествуваат, да бидат дел од нешто заедничко, солидарно.

„Ако се вратам на Japan@mk, таа произлезе од ‘Слободен софтвер’. Соработував со нив и тие ширеа слободна култура, ги едуцираа луѓето што значи слободен софтвер, како може да се шири културата без копирајтинг, без ограничувања. Така да, тоа беше еден вид антикапиталистичко движење. Во тој период организиравме настани од типот на ‘Слободно кино’ во старата ‘Точка’. Едноставно, од тоа ми дојде идејата, бидејќи отсекогаш бев љубител на јапонска култура, Аниме, се’ што е поврзано со Јапонија, традиција, технологија… Значи, идејата беше споделување на таа култура и поврзување на луѓето“, посочува Кочоска.

Раскажува дека соединувањето на истомисленици и т.н. weeb-ови се случило во време на развиен блогерај, а нивните содржини и текстови се’ уште постојат на http://japmk.blogspot.com/.

„Правевме тековно настани во ‘Точка’, презентации, проекции, правевме и церемонија на чај, сакура на плоштад… се развиваше таа заедница. Целата идеја беше дека секој може да се приклучи на Japan@mk и да продолжи да прави евенти“, напоменува таа.

Таквите заеднички заложби, таа идеја од лани живее и преку фестивалот „Нихон-Џи“. Тој беше организиран за помалку од два месеци. Соедини околу 150 учесници и беше посетен од околу 2.000 гости. Се изненадиле од интересот. Сите што биле учесници, вели Кочоска, биле и поддржувачи.

„Оваа година тргнавме многу ентизијастички, решивме да го правиме два пати. Освен сега во мај, планираме и за септември, но не сакаме премногу да ветуваме, бидејќи не знаеме како ќе излезат работите од финансиски аспект. Сега сме во ‘Мала Станица’ и ќе треба влог во простор, транспорт, логистика, па затоа и е потребна сметка, без да знаеме колку спонзорите ќе бидат во можност да донираат. Сакаме да има поголема програма, поделена на два делови. Овој пат ќе има и концерти, но и косплеј работилница“, нагласува таа.

Фестивалот, треба да претставува рефлексија на јапонското културно влијание во Mакедонија. Мешавина од традиција и технологија. Односно – прецизност, одговорност и дисциплина во работењето, и прифаќање на новите технолошки текови без предрасуди.

„Ќе се осврнеме повторно на технологијата. Јапонија, како пример, е традиционална земја. Секогаш го споменувам т.н. ‘хотел од илјада години’ што се пренесува од колено на колено. Но и покрај тоа, тие успеваат да ги прифатат новите текови многу едноставно. Без технофобија. А, тоа кај нас го кочи напредокот, и на мислата, и на науката“, потенцира таа.

Низ призма на Јапонија, за Кочоска е несомнено дека од една страна се високите стандарди за квалитет, технологија споена со секојдневие, добар дизајн. Но, истовремено и посветено внимание. Вреднување на трудот: работа, работа и работа.

„Незадоволување со просечност и трудење секогаш да се биде подобар. Тоа се цени, за разлика од кај нас, каде ако се трудиш можеби ќе бидеш гледан ‘на косо’. Ги тераш другите да се чувствуваат неубаво, а не ги инспирираш да почнат да прават повеќе. Секогаш зборувам дека корупираноста доаѓа од сите нас. Од секој нас зависи како систем ќе направиме, за да биде функционален. Треба почит кон другиот, однесување, одговорност. Воспитување уште од мали нозе, дека имаш некои одговорности дома, а кога ќе одиш во школо ќе чистиш и чуваш, ќе бидеш одговорен за тоа што ви е заедничко“, вели Кочоска.

Во фестивалскиот тим на „Нихон-Џи“ моментално се активни пет луѓе – Кочоска заедно со Ирма Башеска Ристовска, Стефан Ристовски, Евгенија Лисичова и Јан Станков. Кој има волја, време и одговорност за напорна работа може да им се приклучи, да помогне. Отворени се за соработка. Има и повик за волонтери.

Бојан Шашевски